Инвестициските можности на Македонија претставени во ОАЕ

Можностите за инвестирање и економската состојба во Македонија беа претставени на  8. издание на Годишниот инвестициски самит што од 9 до 11 април се одржува во Дубаи под покровителство на шеик Мохамед Бин Рашид Ал Мактум, потпретседател на Обединетите Арапски Емирати и премиер на Дубаи.

На самитот учествува министерот за економија Крешник Бектеши кој реализираше бројни средби со заинтересирани инвеститори.

Министерството за економија денеска соопшти дека министерот Бектеши остварил средба со претприемачот Б.Р. Шети, кој важи за еден од најуспешните бизнисмени на глобално ниво и еден од најбогатите луѓе во Обединетите Емирати. Тој изразил интерес во наредниот период да ја посети Македонија за одблизу да се запознае со можностите за инвестирање.

Шети е присутен со многу компании и фабрики во различни сектори, главно во фармацевтската индустрија. Сопственик е на глобалната фабрика NEOPHARMA  и на приватнитe болници „НМЦ хоспиталс“, „Травелекс“, „ОАЕ ексчејнџ“, „Ројал“ итн.

Во текот на денешниот ден се очекува министерот Бектеши да оствари неколку официјални средби со претставници на Владата на ОАЕ, пред кои ќе ги претстави инвестициските можности и политиките за привлекување на инвестиции, како и можностите за зајакнување на економската соработка, која од аспект на трговска размена засега не е на задоволително ниво.

Министерот Бектеши учествува на самитот на покана на министерот за економија на Обединетите Арапски Емирати, Султан бин Саед АлМансури. Станува збор за годишен собир кој претставува водечка светска платформа за странски инвестиции, чија годинашна тема е „Поврзување на развиените и новите пазари преку странски директни инвестиции – Партнерство за инклузивен раст и одржлив развој“. Самитот на едно место собира по неколку десетици илјади учесници од јавниот и приватниот сектор од над 100 земји, меѓу кои претставници на министерства и влади, научна јавност, стопански комори, индустриски и економски зони, банки и финансиски институции, стартапи и мали и средни претпријатија.