Уметнички креации од лушпи од јајца

Трпеливост, мирна рака и инспирација, која доаѓа од убавината на цвеќето се потребни да се создаде уметничко дело од кревките лушпи од јајца кои ги изработува 60-годишната кумановка, Кубица Спасиќ, инаку негувателка во градинката „Ангел Шајче“. Нејзините креации се познати не само во градот, туку и пошироко во Македонија.

Изработката на овие невообичаени творби ја започнала спонтано пред десетина години, иако вели дека хоби и е плетењето, шиењето, хеклањето, везењето сето она кое бара многу стрпливост и прецизност, исто како, и изработката на лушпите од јајца.

-Отсекогаш сум сакала да креирам, да резбарам, иако во тоа време кога почнував немаше интернет, па се снаоѓав, нешто гледав на телевизија. Сега е полесно, можам да видам одредени новини на интернет, но пред десетина години самата се снаоѓав и со алатките и со начинот на кој ќе работам, вели Спасиќ.

За украсување на лушпите таа користи повеќе техники, резбарење, декупаж, цртање и батик техника со восок. Постапката ја започнува со празнење на содржината на јајцето кое го дупчи со специјална бор машина која наликува на инструменти кои ги користат забарите. Во лушпата вбризгува воздух, по што содржината на јајцето истекува, го мие со вода и го остава да се суши.

– Лушпата дозволува да ја покажам сета креативност и умешност. Го мерам јајцето во обем со сантиметар, мотивот го цртам со молив. Со машината која ми ја набави сопругот од Русија ја дупчам лушпата во различни форми, цветови, геометриски тела, елементи од фолклорот, вели Спасиќ, покажувајќи своја креација.

Најмногу време, додава, и одзема отстранувањето на ципата од внатрешноста на јајцето, за што користи мала бургија. Но, секогаш е расположена да работи. Лушпите ги украсува во текот на целата година. Ја инспирираат убавите работи, пред се природата и цвеќето.

Во витрината во семејниот дом, Спасиќ преку цела година има изложено свои креации.

-Одвреме навреме ги менувам лушпите и ги декорирам различно согласно времето, празниците, вели Спасиќ.

Внимателно ги презентира нежните лушпи јајца кои, освен во витрината, ги чува во кутии кои самата ги изработува.

Една од најинтересните техники на која Спасиќ е особено горда е батик техниката со восок која е една од најстарите методи и во минатото се користела за сликање на ткаенини.

-Украинките многу ја користат, а резбарењето на лушпите на јајцето се работи и во Словенија и Хрватска. Многу е интересно и убаво. Мора да се изврши мерење, да се нацрта со молив, по што се поминува со топен природен восок од пчели, ги покривам површините кои сакам да ми останат бели, потоа се става во жолта боја, па се суши, па во црвена, па повторно се суши и се така додека не дојдам до најтемната боја. Кога е исцртано со восок лушпата е црна, бидејќи и восокот е црн, но кога ќе се стопи над плин тогаш се покажуваат шарите на лушпата, вели Спасиќ, покажувајќи декорација на лушпа од јајце од ној.

Се потешко и е да најде јајца од ној. Покажа и своја изработка на лушпа од јајце од ему кое го добила на подарок од Њујорк.

Најчесто користи лушпи од јајце од гуски кои не така лесно се наоѓаат во кумановско. Раскажува дека лушпите од јајцата од кокошки се крти и почесто пукаат во однос на лушпите од јајца од гуски, за кои тврди дека се поцврсти и подобри за обработка. Користи и лушпи од јајца од шатка.

– Четирите годишни времиња, една колекција на која сум многу горда се изработени на лушпа од јајце од пауница и навистина сите се воодушевени кога ќе ги видат, вели Спасиќ.

За изработка на една украсна лушпа од јајце и се потребни приближно четири часа. Изработките ги подарува на роднини и пријатели, но додава многу е важно да се чуваат како украс.

Нејзината колекција постојано ја надградува со нови креации. Среќна е што и внуците покажуваат интерес за оваа работа. Умешноста на украсувањето ја користи и за велигденските јајца. Со насмевка покажа како веќе се исчистени и измиени јајцата од фарма и вели дека идеите за украсување и доаѓаат спонатано, но со силна позитивна енергија која потоа се пресликува во насмевките на децата кои доаѓаат за празникот во нејзиниот дом.