Во македонската амбасада во Вашингтон вечерва ќе настапи група на фолклористи од САД со изведби на македонски народни песни, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Концертот насловен „Славење на боите на македонската песна“ е во организација на Форум за демократска Македонија, заедница на иселеници од Македонија кои живеат и работат во САД.
– Македонската фолклорна музика поседува долга историја на културни размени и влијанија. Од византиските напеви до ромската и отоманската ритмика, до западноевропската изворна мелодија, се вели во соопштението на ФМД.
Во него се додава дека група на фолклористи од САД инспирарани од македонската народна песна ќе отворат дискусија за музичките традиции на Македонија, а потоа ќе изведат вокално-инструментални точки од познати македонски народни песни.
Многумина од овие музичари, како Лари Вејнер, Лен Њуман или Катрин Мичел се познати изведувачи во Вашингтон кои многупати досега настапувале како амбасадори на македонската култура.
По концертот следува дегустација на македонски вина.