Членството во НАТО станува реална можност, охрабрување од САД и Британија

Местото на Република Македонија е во НАТО и ние сме одлучни во намерата да бидеме следната 30.членка на Алијансата, порача премиерот Зоран Заев на одбележувањето на 69-годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор, со што се означи формирањето на НАТО.

– Вреднувајте ги нашите напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место – полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со вас и на масата на Алијансата, каде што припаѓаме, како држава и како граѓани на Република Македонија, побара Заев од партнерите во НАТО. Предупреди дека со предолго чекање пред вратите на Алијансата се појавуваат несакани последици за сите партнери, независно дали се држави членки на НАТО или не.

Членството во НАТО станува реална можност, смета американскиот амбасадор Џес Бејли. Реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога се зборува за земјата денес во споредба со минатото, порача вчера Бејли.

Претставникот на САД, кои се еден од основачите на Алијансата оваа порака ја испрати во период на забрзани реформи во земјава и обиди за решавање на спорот со името во Грција во насока конечно на Самитот на Алијансата во јули да добиеме покана и Македонија да стане 30 членка на НАТО, шанса која ја пропушти на Самитот во Букурешт во 2008 година, кога Грција го употреби своето право на вето.

Бејли ова го порача на вчерашаната трибина „НАТО и ти“, организирана од Министерството за одбрана, Евроатлантскиот совет на Македонија (АТА-Македонија), НАТО Канцеларијата за врски и Хрватската амбасада по повод Денот на Алијансата – 4 Април.

Според Бејли, ниското ниво на владеењето на правото земјата ја прави ранлива за корупција, но и за внатрешни и надворешни непријатели. Додаде дека влезот во НАТО ќе помогне да се надминат внатрешните политички поделби во земјата. Нагласи дека е потребно системските реформи што се спроведуваат во Македонија да не останат само на хартија.

Поддршка за побрз прием на Македонија во НАТО дава и Велика Британија. Амбасадот Чарлс Гарет преку Твитер порача дека Лондон едвај го чека денот кога ќе може да ѝ посака добредојде на Македонија во Алијансата.

– На денешен ден пред 69 години, Велика Британија и 11 други земји се обврзаа да ги чуваат слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на нивните народи, индивидуални слободи и владеење на правото. Македонија се обврза пред 25 години да се приклучи на оваa заложба за колективна безбедност и одбрана. Едвај го чекаме денот кога ќе можеме да ѝ посакаме добредојде на Македонија во Алијансата, напиша Гарет.

НАТО не е само воено сојуз, туку пред се генератор на демократски вредности и економски просперитет, а Македонија треба да стане дел од Алијансата за да ги придобие сите бенефити, кои произлегуваат од интегрирањето, беше заклучокот од вчерашната трибина „НАТО и ти“.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска напомена дека членството во НАТО е од особено важност поради тоа што земјата ќе стане дел од светски најмоќниот економски сојуз што ја негува демократијата и е гарант за безбедноста за неговите членки.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, се надоврза дека безбедноста и сигурноста во одредена земја се основа за зголемување на интересот на инвеститорите за неа и додаде дека токму со влез во НАТО ќе има подобрување во овој процес.

Хрватската амбасадорка во Македонија Данијела Баришиќ потенцира дека политичката и економската стабилност е нешто по што првично е оценувана Хрватска на патот кон НАТО, а не модернизацијата на воените сили.

Генерален секретар на НАТО по речиси четири години во јануари беше во посета на Македонија. Јенс Столтенберг тогаш на средби со највисокиот државен врв порача дека Алијансата нема план „Б“ за влез на земјата и оти мора да го реши спорот за името со Грција.

– Спорот за името со Грција мора да се реши. Нема друг начин за влез на земјата во НАТО. Ова беше нагласено на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, а потоа повторено на Самитот во Велс во 2014 и во Варшава во 2016 година, истакна тогаш Столтенберг, додавајќи дека земјата има прогрес во реформите.

Следниот самит на НАТО ќе се одржи во Брисел на 11 и 12 јули, а Македонија се надева дека конечно ќе добие можност да се интегрира во најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Собранието во 1993 година ја усвои Резолуција за влез на Македонија во НАТО, при што земјава од корисник на безбедност, за кусо време стана компатибилен партнер на Алијансата. Македонија на самитот на НАТО во Вашингтон во 1999 година доби статус на кандидат за членство, со што започна со процесот на подотовката на Акционите планови за членство (Мемберсхип Ацтион Планс).

Во моментов се работи на 18 МАП, а 17. циклус официјално заврши со состанокот на Република Македонија и Северноатлантскиот совет во септември минатата година во Брисел.

Тогаш Владата ги информира сојузниците дека одлучила да почне постепено зголемување во трошењето на одбраната со почетокот од 2018 година, а потоа и во 2019 година, со 0,2 проценти од БДП, за да се дојде до потребните критериуми за членство во НАТО. Земјите-членки би требало да издвојуваат два отсто од БДП за одбраната, нешто кон кое цели и Македонија, но како што велат од МО, само пет земји-членки го исполнуваат овој критериум.

Во моментов Македонија издвојува 1,01 отсто од БДП за одбраната. Највисоки вредности се забележани во 2006 година 2,01 и во 2007 2,15, но оттогаш процентот опаѓа и лани дојде на ниво од 0,9 отсто.