Предлог-законот за бранители останува заглавен во Собранието. По повикот на СДСМ да се свика Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, вчера претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека ќе ја свика оваа Комисија, но дека одговорноста за свикување на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади е кај претседателката на Комисијата.
– Според Деловникот, претседател на Собрание според член 26 став 4, може да свика седница по барање на потпретседателот избран од опозицијата. Но, секако дека јас поодамна најавив дека за коализија меѓу членови од Деловникот, секогаш кога ќе се појават такви ситуации, ќе свикаме Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. И тука во Комисијата, ако може јавноста и експертската јавност да ја вметнеме, за да донесеме поквалитетни заклучоци со кои ќе се служи и актуелниот состав, но и другите собраниски состави во иднина, рече Гаши на вчерашниот брифинг со новинарите.
За Комисијата за социјална политика која треба да го разгледа Предлог-законот, Гаши рече дека му е одземена можноста затоа што Комисијата веќе била свикана и сега останува во доменот на Комисијата да одлучи за измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства.
– Мене ми е одземена можност да свикам седница која е веќе свикана во одреден ден кога требало да се постапи по тоа прашање. Така што тоа останува во доменот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади да одлучи за Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, рече Гаши.
За тоа дали претседателката на Комисијата Илире Даути го прекршила Деловникот со тоа што свикала седница, но оваа точка не ја ставила на дневен ред, Гаши рече дека како претседател на Собранието е обврзан да го применува Деловникот, а не да суди.
Потпретседателот на Собранието и пратеник од СДСМ Јован Митревски во средата побара од претседателот на Парламентот Африм Гаши да ја задолжи Комисијата за деловнички и мандантно-имунитетни прашања да свика седница, каде ќе се толкува примената на членот 126 став 3.
– Како потпретседател на Собранието предложен од најголемата опозициска партија врз основа на член 62 став четири од Деловникот преку архивата доставив допис, барање до претседателот на Собранието, господинот Африм Гаши да ја задолжи Комисијата за деловнички и мандантно-имунитетни прашања да свика седница, каде ќе се толкува примената на членот 126 став 3, бидејќи апсолутно не се согласувам со образложението на претседателот за овој член од Деловникот, го доставив наведеното барање. Ако врз основа на истиот член господинот Африм Гаши ја свика Комисијата за финансирање и буџет за задолжувањето со Унгарија, што реално е и негова деловничка обврска, истото може да го направи и за законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, рече Митревски.
Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче вчера во изјава за медиумите рече дека ги исцрпиле сите механизми што им ги нуди Деловникот за работа на Собранието и дека ќе видат што ќе се случи со овој механизам по што ќе ги градат понатамошните чекори.
– Деловникот е сменет и во однос на претходниот во тој дел, кога порано не се закажувала соодветна Комисија од страна на претседателот на Комисијата, едноставно немало механизам. Сега во новиот Деловник е вметнато дека доколку тоа не се случи, тоа задолжително го прави претседателот на Собранието или задолжува било кој од пратениците Комисијата да се одржи. Така што ќе видиме што ќе се случи сега со овој механизам и после согласно тоа ќе ги градиме ставовите и чекорите понатаму, изјави Филипче.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, пак, вчера го повтори својот став дека нема потреба од загриженост доколку ова законско решение не помине. Според Меџити, на СДСМ не им е грижа ниту за бранителите, ниту за УЧК, туку како да се спасат од одговорноста.
– Прашањето и дилемата е како СДСМ, партнерот на ДУИ, кој осум години го промовираше граѓанскиот концепт, преку ноќ предлага закон за бранители. Дали не беа искрени кога промовираа граѓански концепт или преку ноќ станаа националисти и предлагаат ваков закон?, рече Меџити.
Пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска во вторникот на прес-конференција рече дека Предлог-законот што е поднесен во Собранието е со поширок обем отколку оној поднесен од Стојанче Ангелов од „Достоинство“.
– Тогаш предложениот предлог-закон поднесен на иницијатива на Достоинство, беше изготвен во мојот Кабинет како министерка за одбрана во координација со Стојанче Ангелов. Заради одлуката на Ангелов да направи предизборна коалиција со ВМРО –ДПМНЕ, тој Предлог-законот го поднесе како сопствена иницијатива, а не како предлог на Владата. Дури и тогаш тој Предлог-закон беше поддржан од СДСМ, рече Петровска.
Претходно, претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов оцени дека Предлог законот за бранители поднесен од Петровска, е неприменлив и политички маневар за дневно – политички цели.
– Законот е злоупотребен, маката на семејствата на загинатите бранители, кои до ден – денес не се обесштетени, маката на воените инвалиди кои до ден – денес не се обесштетени, се ставени во дневна политика, нешто што досега се избегнуваше од страна на претходната опозиција, а сегашната власт – ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кога оваа иницијатива влезе во собраниска процедура минатата година ВМРО-ДПМНЕ не ја експлоатираше како дневна тема, рече Ангелов во вторникот во Тема на денот на Сител телевизија.
Предлог-законот за бранители предложен од Петровска треба да се носи по скратена постапка, но е заглавен во собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
y5v645