МАРРИ ги поддржува шесте земји од Западен Балкан во справување со миграциите

Западен Балкан се соочи со огромен прилив на бегалци во 2015 година, 1,1 милион луѓе минаа низ балканската рута во 2015 и 2016 година. Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) ги поддржува шесте земји од Западен Балкан кои се транзитни до земјите од ЕУ, преку соодветни механизми полесно да се справат со овие големи миграциски приливи.

Ова денеска го истакна директорката на МАРРИ Тамара Мугоша, која ги презентираше постигнатите резултати на Иницијативата на подрачјето на Западен Балкан, како и на функционирањето на Регионалниот центар на МАРРИ со седиште во Скопје.

– МАРРИ во изминатите три години спроведува сеопфатна внатрешна реформа бидејќи се соочуваме со феноменот на огромен прилив бегалци, главно од Блискиот Исток преку западнобалканската рута кон земјите од ЕУ, и сфативме дека овој регионален механизам е корисен и мора да одговори на потребите на шесте влади кои се учесници во механизмот, рече Мугоша.

Посочи дека МАРРИ ги поддржува владите од регионот, со свое иницирање и координација да ја хармонизираат правната рамка со стандардите на европското право, да поддржат изградба институции и обука на луѓе, човечки капацитети и да ја зајакне размената информации меѓу шесте влади од регионот.

– Илегалните премини се проблем што излезе во прв план по затворањето на балканската рута и МАРРИ во еден сегмент од своите активности се занимава токму со превенција на сите оние негативни консеквенци на илегалните миграции со кои доаѓа криумчарење луѓе, трговија со органи…, рече Мугоша.

Истакна дека при големиот бегалски бран во 2015 најмногу погодени биле општините кои немале доволно средства да се справат со бегалците, и во тој контекст ќе се насочат на соработка меѓу централните и локалните власти.

Таа не ја исклучува можноста од нов бегалски бран, имајќи ја предвид ситуацијата во Сирија и на Блискиот Исток кој традиционално е упориште на меѓународна нестабилност.

– Македонија беше најблискиот и најкусиот пат на мигрантите кон Западна Европа. Сите влади од регионот беа затекнати од огромниот прилив на мигранти и тие реагираа во кризен менаџмент. Но сега имаме доволно простор и доволно дијалог да размислуваме на долг рок како да обезбедиме пред се сигурност на нашите граници, како со заеднички одговор да ги заштитиме човечките права на кои сите сме обврзани, вели таа.

МАРРИ е единствена регионална иницијатива за проблематиката со миграциите во која членуваат шесте влади од Западен Балкан- Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Основана во контекст на Пактот за стабилност за ЈИЕ во 2004, МАРРИ е префрлена под регионална сопственост во 2008.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *