Комисија ќе ја лоцира одговорноста за „Млади поети“, опозицијата бара оставка од Каевски

Агенцијата за млади и спорт со цел да го расветли случајот со двете песни со недолична содржина кои беа објавени во збирката, а кои предизвикаа големо внимание во јавноста најави формирање комисија за утврдување одговорност за членовите на стручната комисија ангажирана за селекција и избор за најдобри авторски дела како дел од конкурсот за реализација на проектот „Млади поети“ како и поведување дисциплинска одговорност и суспензија на раководителот на Секторот млади.

Агенцијата за млади и спорт како што информира на прес-конференција нејзиниот директор Дарко Каевски, целосно се ангажира да ја лоцира одговорноста за случајот и да спречи повторување на вакви грешки во иднина.

– Утврдивме дека постоело несовесно, нестручно, непрофесионално работење на неколку чинители кои имале активна улога околу конкурост за издавањето на публикацијата на „Млади поети“. Таквото однесување довело до објавување на содржина која содржи елементи на родова и ентичка дискриминација на што АМС жестоко се противи, вели Каевски.

Додаде дека надворешната тричлена комисија составена од Јовица Иванов како претседател и Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчоски како членови, имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби и да постапи совесно, стручно и непристрасно согласно позитивните законски прописи во земјава.

Тие според Каевски требале да ги селектираат и разгледаат сите песни што пристигнале до нив, а не само да ги одберат најдобрите три, и за таа цел секој од нив бил платен по пет илјади денари.

Каевски вели дека чувствува морална, но не и друг вид одговорност за објавување на збирката. Одговорноста за направениот избор и за содржината на збирката ја лоцира кај членовите на надворешната комисија, но и кај раководителот на секторот кој ќе биде суспендиран и кој ја доставил збирката до Арс Ламина. Според него, во случајот постојат и видливи прекршувања на законски одредби од Законот за издавачка дејност.

– Како директор не сум дал никаква писмена и усмена согласност да бидам уредник, а притоа АМС не може да биде издавач на збирката поезија „Млади поети“ , а овластеното лице не може да биде уредник за истата имајќи ги предвид нормите во Законот за издавачка дејност, рече Каевски.

Овој проект се спроведува четири години, а оваа година првпат тој како директор и Агенцијата биле наведени како уредник и издавач, а како тоа се случило дополнително ќе се утврди.

Арс Ламина го добила тендерот за „Млади поети“  кој првично изнесувал 400 илјади денари, а потоа со наддавање го добила за околу 180 илјади денари, за печатење и дистрибуција. Збирката е испечатена во 5.000 примероци, а АМС нема точна бројка колку досега се дистрибуирани. Недистрибуираните примероци од „Млади поети“ се повлечени. Дополнително ќе се утврдува што ќе се прави со оние што веќе се пуштени во продажба.

Во врска со тоа дека двете спорни песни се објавени под украден идентитет, Каевски вели дека МВР веќе презеде иницијатива во врска со ова и ќе дејствува согласно своите надлежности. Песните се напишани од 41 – годишниот Александар Блажевски, но во збирката како нивен автор е наведен Даниел Пиљаковски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара Дарко Каевски, како што велат, да не бега од одговорност и да си поднесе оставка за објавените недолични творби кои што промовираат сексизам и шовинизам, шират говор на омраза и примитивизам.

– Бледите обиди да се избегне одговорност не можат да го спасат Каевски. Согласно Законот за издавачка дејност во чл.4 ст.1 издавачот мора да има уредник кој е одговорен за целокупната издавачка продукција. Според ст.2 од истиот член, уредникот е тој кој врши избор на публикации за објавување, прибавува и дава стручно мислење за публикацијата и е одговорен за квалитетот на истата. Уредник на оваа дело е Дарко Каевски, па така целосна одговорност за содржината на истата ја има тој и никој друг, рече Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Каевски мора да одговори и колку пари за објавување на оваа книга се исплатени и дали ќе ги врати парите кои се дадени за печатење на книгата во Буџетот на Република Македонија.

10 thoughts on “Комисија ќе ја лоцира одговорноста за „Млади поети“, опозицијата бара оставка од Каевски

  1. I thoroughly enjoyed reading this piece. The analysis was insightful and well-presented. I’d love to hear other perspectives. Check out my profile for more interesting discussions.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *