Почитувани,

 

Во врска со неофицијалните информации кои беа пласирани од повеќе Грчките медиуми дека преговорите за името ќе резултираат со нов меѓународен договор кој ќе вклучува подоцнежна промена на Уставот а за возврат Македонија да добие надграден НАТО статус во јули, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Македонската Алијанса ја повикува актуелната Влада да се изјасни дали се согласила на промена на Уставот? На што се должи вчерашна оптимистичка изјава на Зоран Заев дека има напредок во преговорите? Зошто повторно информации за текот на преговорите Македонскиот народ добива единствено од Грчките медиуми?

 

Доколку се точни информации кои се лиферувани во Грчката јавност се работи за подмолно сценарио во кое официјална Атина ќе биде апсолутен победник. Еве ги фактите. Владата на Алексис Ципрас веќе подолго време се обидува да го измести тежиштето на преговорите од покровителство на ООН на билатерално ниво. Клучниот мотив за оваа стратегија е постигнување на нов билатерален меѓународен договор кој ќе ја замени Времената Спогодба од чие доследно спроведување Грција бега како ѓавол од темјан. Ако се склучи нов договор, пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг нема никакво понатамошно значење. Особено што евентуалното прифаќање од оваа Владина коалиција обврска за идна промена на Уставот е капитулација и прифаќање на уцените од Грчка страна. Ветувањата за некаков специјален и надграден статус со НАТО Алијансата и одредување на датум за почеток на преговорите со ЕУ треба да бидат морковот со кој Владата на Зоран Заев и Никола Димитров ќе биде охрабрувана да се обиде да протурка велепредавство. Македонија веќе 10 години има отворена покана за членство во НАТО која се активира кога ќе се реши спорот наметнат од Грција. А што се однесува со специјален статус, Македонија благодарение на против правното вето на Караманлис и Бакојани на Самитот во Букурешт во 2008 кои се спротиставија на Претседателот Џорџ Буш, доби специјален стратешко безбедносен билатерален договор со САД.

 

БАРАМЕ ИТЕН ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ! ДА ГИ ЗАЧУВАМЕ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ!

 

Македонската Алијанса ги повикува Зоран Заев и Никола Димитров да излезат јавно и конечно да кажат кои се нивните позиции во преговорите. Македонскиот народ очекува стратегија за  недвосмислена одбрана на националниот идентитет. Бараме одговори сега и веднаш! Македонскиот народ не смее и понатаму да се држи во заложништво! Или Македонија веднаш во НАТО согласно Времената спогодба и пресудата на Судот во Хаг или нема за што понатаму да се преговара.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

                                                                                         Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

SHARE