Награда за ЦУК на прославата на роденденот на јапонскиот цар

 Јапонската амбасада вечер ќе го одбележи 84-тиот роденденот на царот Акихито, кој е национален ден на Јапонија. На свеченоста Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA / ЏАЈКА) ќе ја додели и годишната награда по овој повод. Оваа година таа ќе му припадне на Центарот за управување со кризи на Република Македонија (ЦУК) со кој успешно соработуваат повеќе од една деценија.

– За силната посветеност и придонесот на ЦУК во развојот на институцијата и зајакнувањето на капацитетите во земјата и регионот, соопшти Јапонската амбасада која наведува дека прославувањето на роденденот претставува одлична можност да се одбележат и силните врски помеѓу Јапонија и Македонија, како и пријателството и солидарноста помеѓу двата народа.

Во изминатите десет години, десет вработени од ЦУК учествуваа на обуки за управување со кризи во Јапонија. Во 2009 година Центарот го воспостави системот за превенција и рано предупредување од шумски пожари (MKFFIS), а во 2015 година, за време на Програмата за обуки на трети земји, ЦУК го сподели своето знаење со други земји од Балканот.

ЏАЈКА и ЦУК наскоро ќе почнат нов петгодишен проект за градење капацитети за намалување на ризици од катастрофи во областа на животната средина (ECO DRR) преку одржливо управување со шуми. Целта на проектот е да се постигне превенција од природни катастрофи преку употреба на еко системи како што се шуми.

На вечерашниот настан ќе биде презентирана јапонската култура, преку карате демонстрација која ќе ја изведат членовите на Македонската традиционална карате федерација.

Царот Акихито го наследи престолот на 7 јануари 1989 година. Царот и неговата сопруга, царицата Мичико, го посетија Скопје во 1976, додека сѐ уште беа крунски принц и крунска принцеза

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *