Кавески ќе го расчистува случајот „Млади поети“

– Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски ќе го расветлува случајот „Млади поети“. По лавината реакции деновиве поради две песни од збирката кои имаат недолична содржина, т ој јавно се извини и рече дека чувствува морална одговорност, но не поднесе оставка.

Синоќа Каевски се сретна и со премиерот Зоран Заев. Му ги презентира првичните наоди од внатрешната анализа за печатењето на збирката, а Заев го охрабри целосно да го расветли случајот. Воедно му порача дека треба да се побара одговорност од сите учесници и да се спроведат јасни протоколи за никогаш повеќе да не се повтори грешката.

Премиерот претходно, одговорајќи на новинарско прашање во врска со евентуално разрешување на Каевски, оцени дека тој е добар кадар, кој покажал добри резултати, а и добро ја води Агенцијата.

– Директорот се извини како покровител и потпишувач на проект за млади поети, а и не е должен да чита се што има во материјалот зад кој стои како покровител, ниту да го провери целиот материјал, изјави Заев и предупреди дека институциите мора да бидат внимателни зашто со нив раководат, како што истакна, стари кадри, а законите се бетонирани.

Скандалот со збирката „Млади поети“, испечатена во 5.000 примероци, почна откако на фејсбук осамна принт-скрин од стиховите кои содржат албанофобија и сексизам.

Каевски завчера на прес-конференција и се извини на јавноста и изрази морална и професионална одговорност за, како што нагласи, настанатата грешка при објавувањето на збирката во која кај две од 44 песни е утврдена недолична содржина. Се повлекува, потенцира, целиот тираж кој не е целосно дистрибуиран за да се спречи натамошна штета. Појасни и дека неговиот потпис како уредник на „Млади поети“ е ставен за постапката и за чекорите во постапката, а не за содржината.

АМС нема точна евиденција колку примероци од збирката се досега дистрибуирани. Печатењето чинело 150.000 денари и е продолжение на проект што се спроведува четири години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *