Предавање со прошетка низ изложбата „Борко Лазески – 100 години од раѓањето“

Националната галерија на Македонија (НГМ) денеска во галеријата Даут-пашин амам организира предавање со прошетка низ изложбата „Борко Лазески – 100 години од раѓањето“, со историчарот на уметност проф. д-р Кирил Пенушлиски.

Посетителите на овој начин ќе може поблиску да се запознаат со творештвото на Лазески и во интеракција со д-р Пенушлиски да дознаат нешто повеќе за основоположникот на монументалната уметност, втемелувач на витражот во Македонија и прв в.д. директор на НГМ, тогаш Уметничка галерија-Скопје.

Изложбата „Борко Лазески 1917-1993“, на која се претставени шеесетина дела од речиси сите творечки фази на авторот, беше поставена во Даут-пашин амам по повод одбележувањето еден век од раѓањето на Лазески. Изложбата содржи оригинални дела од помал формат и фотографии од монументите на Лазески, како и досега реставрираните скици од неговата „Фреска за НОБ“ која до земјотресот во 1963 стоела во холот на старата железничка станица во Скопје.

Покрај изложбата, проектот за чествување на Борко Лазески опфати и промоција на монографско издание во кое беа презентирани текстови од д-р Дита Старова-Ќерими, Соња Абаџиева-Димитрова, Маја Чанкуловска-Михајловска и Лазо Плавевски, голем број фотографии на делата на Борко Лазески, биографски, библиографски и каталошки податоци. Со овие активности, Националната галерија на Македонија го почна и одбележувањето 70 години од своето основање.

На 28 февруари во рамки на одбележувањето на јубилејот беше одржано и предавање од Лазо Плавевски „Фреската за НОБ како парадигма на модерноста во Македонија“. Исто така, беа одржани голем број едукативни предавања и работилници за најмладата публика од седум училишта. Учениците имаа можност да се запознаат со творештвото на Лазески и да изработат творби инспирирани од него.

– Изложбата за посетителите е отворена до 5 април. Таа предизвика огромен интерес кај нашата публика, но и кај претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија и пошироко во регионот, кои веднаш го препознаа значењето на овој значаен македонски уметник кој се образувал и творел во ателјето на големиот Андре Лот, соопшти НГМ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *