Црвенковска: Нови проблесоци по долгиот период штама во литературата за деца

Литературата за деца бара да биде современа исто колку и новото време во кое малиот читател расте и го создава светогледот. Таа е предизвик за нови и млади автори кои имаат идеи како книгите за најмладите да се освежат со нови теми и начини на раскажување.

Билјана С. Црвенковска, магистер по филозофски науки, со долго искуство во медиумите, сега е целосно посветена на книжевноста за деца. Авторка е на повеќе сликовници и на два романа за деца: „Што сонуваше Дедо Мраз“ и „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“. Проектите „Бајки од Македонија“ (2016) и „Басни од Македонија“ (2017) за кои таа ја направи јазичната адаптација на оригиналните запишани од Марко Цепенков, веќе се издадени во втор тираж. Двете се заокружена едиција со по четири наслови и се во продажба на македонски, албански и на англиски јазик, а преведени се и на германски и француски јазик. Тие се проекти на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ за кои партнер-издавач е „Арс Ламина“.

По повод Светскиот ден на литературата за деца (2 Април – според датумот на раѓањето на Ханс Кристијан Андерсен), Црвенковска во интервју за МИА зборува за тоа што треба да содржи книгата за деца за да им биде привлечна, за одговорноста и мотивираноста на писателите, за македонската литература за деца која е, вели, заспана, но полека се буди.

„Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ се покажаа доста успешни проекти. Што содржат и дали ќе се проширува оваа едиција?

Подготвуваме нешто ново со бајките и ќе го откриеме наскоро. Со двата проекта добивме заокружена едиција. Првиот тираж на Бајките беше 1000 примероци, за потоа се испечати и втор тираж од 2000. Басните, исто така, прво имаа тираж од 1000, а сега веќе излегува втор тираж од 2000 примероци. Издадовме и големо издание со тврд повез кое ги содржи четирите бајки. За „Бајки од Македонија“ изборот го направивме заедно со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, а вклучени се бајките: „Девојчето и дванаесетте месеци“; „Двата цара“; „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Вејко Северко“. За „Басни од Македонија“, изборот и адаптацијата се мои, а тука се басните: „Лакомата мечка“; „Војската на лавот“; „Глушецот и жабата“ и „Кучето и зајакот“.

Јазикот на Цепенков го адаптирав во модерен јазик, кој е поприфатлив за младите читатели, а интервенирав делумно и во должината на текстот. Басните беа поголем предизвик за адаптација. Тие се поинакви по структура, требаше повеќе да се интервенира и во самата приказна за да се изедначат некои места кои кај Цепенков беа понејасни, прекратки или предолги, а дополнително имаат и поука која требаше да се истакне.

Целиот проект беше многу успешен и поради тоа што на конкурсот за илустратор за „Бајки од Македонија“ се пријавија 38 млади илустратори. Добивме многу добри предлози, можеби само неколку просечни, но лоши предлози немаше. Пет или шест беа исклучително добри. Од нив избравме три со коишто веднаш почнавме да работиме. Победничката на конкурсот, Катерина Николовска, ги илустрираше четирите бајки, а потоа ги направи илустрациите и за четирите басни, бидејќи се од иста едиција и сакавме да имаат ист визуелен идентитет.

Но, во издание на „Арс Ламина“ излезе и една прекрасна сликовница на второизбраниот на конкурсот – младиот автор Оливер Коларевски – сликовницата „Мистериозното јајце“ каде е целосен автор – и на илустрациите, и на текстот. Тука е и Александра Филипоска, уште една од најдобрите на конкурсот, која сега работи како илустратор во „Арс Ламина“ и е авторка на целосни илустрации за неколку книги, како и на илустрациите за неколку корици.

Што е најважно во пишувањето литература за деца?

Има многу важни работи, не би можела да издвојам една или две. Сметам дека предизвиците при креирањето литература за деца се зголемуваат со брзиот развој на технологијата. Она што било важно пред дваесет или педесет години, денес едноставно не е доволно.  Треба да се направи совршен баланс помеѓу она што го бараат децата, и она што ние како автори сакаме да им го пренесеме, она што сакаме да го запомнат.

Децата бараат модерни приказни за модерни ликови, нешто што потсетува на она што го гледаат на телевизија и видеоигрите што ги играат. Ги привлекува интересна илустрација, интересна корица, некој откачен лик, интерактивност, забава и хумор. Тоа е она што им е интересно, и што денешната литература за деца би требало да го содржи за да му биде привлечна на детето.

Од друга страна, ние како автори за деца имаме огромна одговорност таа да биде многу повеќе од само забавна и привлечна. Преку неа ние треба да зборуваме за вистинските вредности, да поттикнеме емпатија и креирање на различни емоции, да му дадеме можност на детето да се пронајде и идентификува со ликовите, преку современи теми и проблеми кои се блиски до денешните деца. Вистинската, релевантна литература за деца не ги трга на страна негативните емоции, стравовите, проблемите и предизвиците со кои, за жал, сè повеќе се соочуваат децата на денешницата, туку напротив – завлегува во сржта на тие проблеми и ги прави полесно прифатливи. Мислам дека сите треба да тежнееме да создаваме таква литература. Тешко, но не и невозможно.

Зошто, според Вас, кај нас има малку автори за деца?

Мислам дека прашањето е зошто имаме малку млади и континуирано активни автори за деца, бидејќи тие се оние што би требало да ја креираат оваа современа литература за која претходно стануваше збор. Не сум сигурна, но претпоставувам дека има повеќе причини за ова. Пред сè, немањето стратегија да се мотивира креирањето на ваква литература, на државно ниво. Освен една награда за литература за деца и млади која ја доделува ДПМ за своите членови, нема друг начин да се стимулира и поттикне творештвото за деца. Во Македонија не е присутен IBBY (International Board on Books for Young People) кој ја доделува Андерсеновата награда и секоја година избира дополнително значајни книги од секоја земја кои се прогласуваат за  IBBY Honour Books. Нема посебни конкурси за поддршка исклучиво на творештвото за деца, и тоа не само авторство на текстот, туку и илустрацијата; не постојат награди и конкурси за илустратори, итн.

Ова е што се однесува до мотивацијата. Секако, ова е само еден дел од проблемот. Вториот дел е што можеби и самите автори не чувствуваат предизвик да пишуваат за деца или, пак, не се чувствуваат спремни. На некои можеби им се чини прелесно и неинтересно, а на други, оние кои завлегле подлабоко во проблемот, претешко.

Сепак, полека почнуваат да се појавуваат и нови, млади автори и илустратори кои креираат малку поинаква литература за деца. Веќе гледаме поместување на тоа поле, а се надевам дека тоа ќе биде уште повидливо во блиска иднина.

Како ја оценувате македонската литература за деца и млади?

Заспана, но полека се буди.
Ги имаме старите, убави книги што сите сме ги читале како деца. Прекрасни приказни, но облечени во ретро облеки од седумдесеттите. Плачат за тоа да се преоблечат во нови, модерни облеки и повторно да блеснат, па да ги освојат срцата и на овие, денешниве, мошне покритички настроени деца.

Имаме еден долг период на тешка штама и празнина во литературата за деца. И имаме нови проблесоци, раѓање на млади автори и илустратори, и огромна потреба да ги има што е можно повеќе и да се зафатат сериозно со работа. Не е доволен моментот: напишав приказна, ајде да ја објавиме. Литературата за деца не функционира само со инспирација и вадење од себе на она што ти дошло да го напишеш. Секој збор треба да се премери по десет пати. И мора напорно да се работи на себе и да се биде многу критичен кон сопственото авторство. Истото важи и за илустраторите. За да бидат вистински добри, треба да се насочат кон тоа да креираат за деца и да се надоградуваат во тој правец.

Односно, литературата за деца не е нешто што се прави попатно, во пауза помеѓу „важните работи“. Таа е определба и е најважната работа, онаа која е огромен фактор за цели генерации деца да израснат во добри луѓе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *