Гордана Сиљановска Давкова е победник на претседателските избори

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова е победник во вториот круг од претседателските избори. По преброени 95 отсто од гласачките ливчиња, Сиљановска Давкова освоила 534.924 гласови (65,03%), а нејзиниот противкандидат Сево Пендаровски од СДСМ 241.022 (29,30%). 

Исполнет е цензусот за избор на претседател во вториот круг претседателски избори. Изборниот законик предвидува за шеф на државата да биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи. Одѕивот на денешното гласање, според последните информации од ДИК, бил 46,38 отсто.

Согласно роковникот за претседателските избори, првичните резултати од изборите добиени по електронски пат, ДИК ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од Општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

ДИК со решение ќе го повтори гласањето на гласачките места на кои го поништила гласањето, само ако вкупниот број на запишани избирачи на тие избирачки места на ниво на изборна единица, влијае врз вкупните резултати.

Во случаите кога ДИК со решение ќе го повтори гласањето во вториот изборен круг по листи на кандидат, повтореното гласање во вториот изборен круг се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на вториот круг на гласањето во роковите определени од ДИК согласно Изборниот законик.

Мандатот на актуелниот претседател на државата Стрево Пендаровски истекува в недела на 12 мај, така што тогаш треба да биде инаугурацијата на новоизбраната претседателка Сиљановска Давкова. Собраниската седница треба да ја закаже актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески.

Ова беа седми избори за претседател од осамостојувањето на државата, а се одржаа заедно со 11-те парламентрани избори.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *