Краткометражниот филм „Борба за смрт“ обезбеди телевизиска дистрибуција преку каналот Shorts TV во Европа, Азија и Северна Америка, со што наградуваниот филм по сценарио и режија на Елеонора Венинова, продуциран од Гоце Кралевски од ДНФ филмс ќе стане достапен за публиката на овие континенти.
Филмот ќе се прикажува на телевизиските екрани заедно со 3000 други филмови од светот, меѓу кои се и кратките филмови номинирани за Оскар во изминатите 12 години, како и престижни документарни кратки филмови.
Shorts TV е специјализиран филмски канал за кратки филмови кој во Европа се емитува во Германија, Белгија, Холандија, Словачка, Унгарија и Србија, а е достапен и преку поголемиот број кабелски оператори во САД.
– Ова е одлична можност филмот да го видат милиони луѓе од целиот свет по успешниот фестивалски живот кој го имавме изминатите две години. Кратките филмови, особено оние од Македонија, ретко наоѓаат телевизиска дистрибуција затоа што кај нас нема интерес за нив, но во светот има многу можности да се најде дистрибуција. Само треба да имате добар филм и истрајност во барањето на соодветен дистрибутер или канал, вели продуцентот Гоце Кралевски.
Филмот досега освои шест награди и учествуваше на 40-ина фестивали низ светот. Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село се снимаше минатото лето во мариовското село Кален. Улогите ги играат актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, директор на фотографија е Димо Попов. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм во соработка со ТВ Канал 5.