ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВИТЕ „СВ. ПЕТКА“ ВО СИДНЕЈ И „СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ“ВО ЏИЛОНГ И (22)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Според историските податоци, Сиднеј е главен град на државата Нов Јужен Велс и најголемиот град во Австралија и Океанија. Метрополата се наоѓа на источниот брег на Австралија и го опкружува Порт Џексон. Се протега приближно 70 км (43.5 милји) долж неговиот периметар кон Сините Планини, Хоксбери, Макартур и Кралскиот национален парк. Сиднеј се состои од 658 предградија распоредени на 33 области на локалната власт. Жителите на градот се нарекуваат „Сиднејсајдери“. Метрополитенското население на Сиднеј е над пет милиони жители што значи дека во градот се сместени приближно 66% од вкупното население на државата.

Домородните Австралијци живеат во областа на Големиот Сиднеј повеќе од 30,000 години. Абориџинските гравури сè уште се наоѓаат во регионот. Поручникот Џејмс Кук и неговата екипа беа првите Европејци, во 1770 година, што го открија источниот брег на Австралија. Тие паднаа на копно во заливот Ботани. Првата флота на осуденици предводена од Артур Филип го основа Сиднеј во 1788 година како британска казнена колонија. Ова беше првата европска населба во Австралија. Доживеа масовна миграција по Втората светска војна и беше едно од најмултикултурните места во светот. Дополнително, 45.4% изјавиле дека се родени во странство, што го прави четврти по големина град со жители родени во странство по Њујорк и Лондон.

Ете тоа е метрополата каде се доселиле голем број Македонци од сите делови на Македонија. Овој пат ќе ги забележиме македонските црковни активност во Сиднеј кои започнала во 1977 година, со посетата на делегација на Македонската православна црква предводена од поглаварот архиепископот г.г. Доситеј и митрополитот г. Кирил. За Културно-просветниот центар „Епинѓ’, каде денес се наоѓа новата црква „Свети Ѓорги и Света Богородица“, темелите ги удри митрополитот Кирил во 1981 година. Манастирот „Свети Климент Охридски“, што се наоѓа на осумдесетина километри од Мелбурн во месноста „Кинг Леик” (Кралско Езеро) е прв македонски манастир во дијаспората и е осветен на 29 јануари 1978 година од архиепископот на МПЦ г.г. Доситеј, заедно со митрополитот г. Кирил и повеќе македонски свештеници.

Сиднеј го сметаат за еден од најубавите градови во Австралија и во светот, чии симболи се Мостот над заливот (Харбор Бриџ) и Оперската куќа (Опера хаус), која што оддалеку потсетува на огромен лебед со раширени крилја, скаменет како стражар вечно над синиот Залив. Една од општините на тримилионскиот Сиднеј е Рокдел, која што е оддалечена дваесетина километри од центарот на метрополата и се наоѓа во близина на заливот Ботани, каде што во минатото се истоварил капетаног Џејмс Кук, поставувајќи ги темелите на денешна модерна Австралија.

Црквата „Св. Јован Крстител“ во Џилонг

Таму, во Рокдел, каде што се зборува англиски и македонски јазик, живеат неколку десетици илјади Македонци. Меѓу нив најбројни се од битолско-прилепскиот и охридско-преспанскиот, струшкиот и други региони. Често се вели дека селата Цапари и Ѓавато, Битолско, се преселиле во Сиднеј. Во Рокдел, збратимениот град со Битола, Македонците имаат поголеми можности да ја развиваат својата национална свест и да ја шират македонската култура, јазик, традиции…

Во монографијата „Митрополитот Кирил“ се дадени бројни податоци за црковно-духовниот живот на Македонците во Австралија. Така, за Рокдел се вели дека црковната активност започнала во 1977 година со посетата на делегација на Македонската православна црква предводена од поглаварот архиепископот г.г. Доситеј и митрополитот г. Кирил. Поголемиот број активисти на Одборот за изградба на црква беа членови на КУД „Илинден”.

Меѓу нив посебно место им припаѓа на Паско Грбевски, кој беше прв претседател, Јоне Белчев, Перо Кикереков, Јонче Кокаловски, Кире Циревски, Митре и Лазо Дупешовски, свештеникот Александар Ивановски и многу други општественици и патриоти од македонската колонија во Сиднеј.

Co собраните средства од доброволни прилози Иницијативниот одбор со помош на сите Македонци од Рокдел, купи една стара куќа, ја урна и на нејзиното место за неполни три месеци во текот на мај 1977 година, беше изградена МПЦО „Света Петка“, заедно со потребните помошни простории. Веднаш потоа беше извршено осветување и изведена првата литургија на македонски мајчин јазик од архиерејскиот заменик прота Спасе Стефановски, а во импозантно присуство на повеќе илјади Македонци.

Меѓутоа, најсветол ден за оваа црковна општина ќе остане 19 февруари 1978 година. Големото осветување од страна на архиепископот охридски и македонски, г.г. Доситеј во сослужение на тогашниот австралиски митрополит г. Кирил и голем број македонски свештени лица. Чинот на осветувањето беше извршен во исклучително ретка атмосфера која ја создадоа над десетина илјади Македонци од Сиднеј и други места во Австралија.

Џилонг е град којшто се наоѓа на осумдесетина километри југозападно од метрополата Мелбурн. Тој е еден од значајните индустриски центри и морско пристаниште на државата Викторија. Распространет по должината на Филиповиот Залив, се чини, како да се сокрил од струењата што доаѓаат од Тасманија и претставува пријатно место за живеење и работа, а во исто време и е центар на автомобилската индустрија.

Во градот се населиле многу македонски семејства претежно од битолскиот крај, а најмногу од селото Драгош, Битолско, а има семејства од селата Лажец, Велушина, Бистрица, Граешница, Жабјани, и други села под Пелистер, од Преспа и од други охридско-струшки села. Таму е регистрирана црковната општина „Свети Јован Крстител“, чија активност за собирање донации започнаа во 1977 година. Во тие акции учествуваа голем број Македонци, кои со свои средства помогнаа да се изгради црквата.

За оваа Македонска православна црква митрополитот г. Кирил забележал дека меѓу првите и најзначајните активисти, донатори и општественици во оваа црковна општина се, секако, Јован (Џони) Ангеловски, првиот претседател и најголемиот донатор и основач на црквата, потоа, Цветко Илиевски и Миле Стојановски, кои беа прогласени за доживотни членови.

Исто така, големи заслуги имаат и Томе Димовски, Илија Николовски, Димитар Ангеловски, Јосиф Пачовски, свештениците Ѓорѓи Кацарски и Чедомир Илиевски и многу други активисти кои вложија и средства и труд во тој значаен македонски храм, духовен и културно-просветен центар во Џилонг.

На 15 јануари 1978 година, надлежниот архиереј на Австралиската епархија, митрополитот г. Кирил во сослужение со неколку свештеници и бројни иселеници и претставници на австралиското општество, го положи и го освети камен-темелникот на новата црква „Свети  Јован Крстител“. Тоа беше пресвртница во животот на македонските иселеници. Осветувањето на камен-темелникот од надлежниот архијереј г. Кирил беше настан за себе и траен спомен за Македонците. Беше отслужена првата богослужба во црквата, со што почна нов црковно-духовното живеење и нова страница во летописот на македонската комуна во Џилонг, во мултикултурна Австралија.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *