ОСВЕТУВАЊЕ НА, „КУЛТУРНО-ПРОСВЕТНИОТ ЦЕНТАР“ ВО ЕПИНГ И МАНАСТИРОТ „СВ. НАУМ ОХРИДСКИ“ ВО МЕЛБУРН (23)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Според историските податоци, Мелбурн е главниот град и најголемиот град на австралиската сојузна држава Викторија и вториот по големина град во Австралија (по Сиднеј). Мелбурн има население од околу четири милиони жители а околината брои дополнителни седумдесетина илјади граѓани.

Мелбурн бил главен град на Австралија од 1901 до 1927 година.. Градот се отликува со својата космополитност, висок животен стандарт. Три поредни години 2002, 2003 и 2004 година  е определуван за „најдобар град за живење во светот“.

Мелбурн е дом на повеќе от 70% од Викторијанците. Мелбурн е голем индустриски и трговски центар. На многу австралиски компании главните седишта им се наоѓаат таму. Најголемиот аеродром во Австралија  се наоѓа во Мелбурн. Во градот постојат седум универзитети. Исто така многу развиена е и автомобилската индустрија со производствени погони на Форд, Тојота и друго.  

Затоа и се роди кај Македонците од сите делови на Македонија идејата за формирање црковни општини и за изградба цркви во Австралија уште од времето на МАНС, уште пред неговото формално распуштање. Така, како резултат на силните национални чувства и свест кај Македонците во Мелбурн, во 1955 го-дина се преземени почетните подготовки за формирање на првата македонска општина „Свети Ѓорги“ во Мелбурн.

Првиот јавен собир се одржал на 14 мај 1956 година, на кој беше решено да се формира македонска црковна општина и да се поведе акција за собирање средства за изградба на македонска црква. За прв претседател на Комисијата беше избран Васил Мојанов, а за секретар Петре Божанин. Потоа, како на филмска лента се спроведуваа безброј активности.

Така, на Илинден 1958 година беше поставен камен-темелник на црквата Свети Ѓорги, по изградбата, односно адаптирањето на црковниот храм, на 7 август 1960 година е осветен. Чинот на осветувањето го изврши епископот злетовско-струмички владиката г. Наум, во сослужение со свештениците Нестор Поповски и Ѓорги Ангеловски, како и на свештеници на Сириската и Англиканската црква.

На чинот на осветувањето присуствувале голем број верници, гости и пријатели на Македонците. Co тоа се отвори нова, светла и значајна страница во историјата на МПЦ и на македонскиот народ во целина.

Во состав на првата црковна општина, со успех работи Културно-просветниот центар „Епинѓ’, каде денес се наоѓа новата црква „Свети Ѓорги и Света Богородица“. Темелите на овој центар ги удри митрополитот Кирил во 1981 година. Во него се вишнее споменикот на големиот македонски револуционер Гоце Делчев и претставува место за собирање на сите генерации од македонско потекло.

Манастирот „Св. Наум Охридски“

Посебно значење за општината има манастирот „Свети Климент Охридски“, што се наоѓа на осумдесетина километри од Мелбурн во месноста „Кинг Леик” (Кралско Езеро). Овој прв македонски манастир во дијаспората е осветен на 29 јануари 1978 година од архиепископот на МПЦ г.г. Доситеј, заедно со митрополитот г. Кирил и повеќе македонски свештеници.

Манастирот располага со голем простор покриен со бујна вегетација, кој служи за одржување пикници, панаѓури, селски слави и други активности во природа. Во овој македонски парк во декември 1983 година се одржаа „Деновите на македонската култура”. Оваа манифестација што се одржа под покровителство на Владата на државата Викторија и СР Македонија, а на која се собраа повеќе од дваесет илјади посетители, придонесе за мултикултурниот развој на Австралија.

Митрополитот г. Кирил потенцираше дека македонските православни црковни општини, цркви и манастири во Австралија се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни и културно-просветни институции. За реализирање на своите активности, црковните општини, пред се, имаат добиено широка поддршка од австралиската влада и од мајката – Светиклиментовата црква.

Co формирањето на црковните општини во Австралија, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште и во извесна смисла да се определи националниот идентитет на Македонците што живеат вон границите на етничка Македонија. Македонците во Австралија, без разлика од кој дел на Македонија потекнуваат и со какви патни исправи се дојдени во новите средини.

Преку МПЦО, добиваат документи што сведочат дека се Македонци, a co тоа стекнуваат право да избираат и да бидат избрани во црковно-општествените тела. Така, тие добиваат крштелници, венчаници и други документи кои се официјални и законски пред австралиската администрација.

Македонските православни општини и цркви што дејствуваат во Австралија и Нов Зеланд, имаат своја Епархија, која е значајно духовно и културно-просветно тело. Таа ги штити, ги организира и ги афирмира сите македонски црковно-патриотски интереси и потреби, овозможувајќи им на македонските доселеници од сите делови на Македонија да ја чувствуваат националната и црковната слобода.

Епархијата обезбедува услови за сеʼ поголема афирмација на целокупното културно наследство и современиот напредок на македонскиот народ. Тоа е потврдено и од австралиските власти, кои Македонците ги сметаат за одделен народ и претставува жив мост за пријателските односи меѓу Македонија и Австралија.

Епархијата  треба да настојува да се одржат црковните и народните традиции, фолклорот, јазикот, минатото и сегашноста на македонскиот народ, што тој ги донел од нивната татковина Македонија во новата средина Австралија.

Австралиско-новозеландската-македонска епархија е формирана со одлука на Светиот архијерејски синод на МПЦ со цел да ги продлабочи врските и да ја јакне љубовта меѓу македонските доселеници во Австралија со татковината и со црквата. Во почетокот беше заедничка за САД, Канада и Австралија, како Американско-канадска и австралиска македонска православна епархија, кога во 1967 година за прв архијереј на заедничката епархија беше избран митрополитот г. Кирил.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *