ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ ВО МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО (9)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Кога се пишува за македонските православни цркви во пекуокеанските земји, Австралика, Канада и САД и за македонците во дијаспората треба да се подвлече улогата и придонесот на митрополитот Кирил (Никола Поповски) роден царевдворчанец. Тој остави значајни траги во формирањето на македонските православни духовни, национални и културно–просветни центри во прекуокеанските земји.

Во текот на две и половина децении, митрополитот  Кирил ќе одигра голема духовна и национална улога, особено во Американско-канадско-македонската епархија, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. На тој начин е спречена натамошната асимилација и денационализација на македонскиот православен народ на тие американски и австралиски простори.

Во периодот на раководењето со Американско-канадската и со Австралиската епархија, од 1971 до 1978 година, администрира и со Полошко-кумановската епархија. Оваа епархија се наоѓа долж границата со северниот сосед Србија, а митрополитот Кирил беше поставен за директен браник, со задача да се бори против лагата и лицемерието, а да ја промовира и брани вистината и добрината, да проповеда смело како и што само нему му прилегаше.

Кога во 1971 година, во МПЦ беше востановена и Полошко-кумановската епархија, митрополитот Кирил беше избран за нејзин администратор со сите права и должности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ-ОА, за потоа, во 1987 година да биде назначен за Полошко-кумановски митрополит. Неговото архипастирствување со оваа Епархија беше крунисано со најголем успех преку возвеличувањето на Шар Планина, со изградбата на манастирот посветен на “Свети Наум Охридски Чудотворец”, на надморска височина од околу 1.000 метра.

Од 1996 година митрополитот Кирил беше претседател на Хуманитарната организација “Милосрдие” при МПЦ-ОА, која за негово време имаше обезбедено храна, лекови, медицински помагала, разни апарати и друга помош во вредност од десетина милиони евра. Помошта се распределува на најбедните, гладните, изнемоштените, на селски и други помали амбуланти, деловни центри и асоцијации во Република Македонија на кои им е најпотребна. “Милосрдие” најголемиот хуманитарен дострел го потврди во војната во Република Македонија 2001-2002 година, кога помошта за загрозеното население значеше елементарен опстанок.

Извонредните резултати ќе го поттикнат третиот поглавар на автокефалната Македонска православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил, во една пригода на авторот на овој текст да му изјави дека “… она што го работи владиката Кирил е света работа”. Тоа ќе го потврди и четвртиот поглавар на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил.

Митрополитот господин Кирил целиот свој живот го посвети на духовно-црковното, националното, културното, односно на сестраното единство на македонскиот народ во Татковината, и во дијаспората. Американските, канадските и австралиските власти, следејќи ги и согледувајќи ги големите успеси на македонските иселеници од сите делови на Македонија, предводени од нивниот митрополит г. Кирил, кој заедно со своето свештенство, секогаш ги ориентираше како Македонци да бидат лојални граѓани на тие држави, како нивни втори татковини.

Тоа беше потврдено и со прогласувањето на митрополитот г. Кирил за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Исто така, во Република Македонија тој беше добитник  на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ. 

Во пролетта 1965 година, младиот архиѓакон Кирил го придружува архиепископот г.г. Доситеј при посетата на САД и Канада, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска православна црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски. На Томина недела учествува во осветувањето на храмот посветен на Пресвета Богородица во американскиот град Колумбос, Охајо. Во текот на едномесечниот престој во САД и Канада, високата делегација на МПЦ ќе ги посети и Гери (Индијана), Сиракуз и други градови на северноамериканскиот континент, во кои има многуилјадни македонски доселенички колонии со Македонци од етничка Македонија.

По враќањето од САД и Канада, архиѓаконот Кирил е испратен на студии во Русија на Московската духовна академија во градот Загорск, со благослов на српскиот патријарх г.г. Герман. Меѓутоа, по две години студирање, односно по завршувањето на првиот степен, е повикан да се врати во татковината, заради повозвишени црковно-духовни и национални интереси на Македонската православна црква и македонскиот народ. На 5 јули 1967 година е избран за викарен епископ со титула тивериополски од страна на Светиот архијерејски синод на МПЦ и станува негов најмлад член.

По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули 1967 година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на апостолите свети Петар и свети Павле, извршено е наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, хиротонисан е за викарен епископ тивериополски.

Митрополитот г. Кирил како член на Синодот, веднаш се вклучил во довршувањето на обемниот елаборат за обнова на автокефалноста на Охридската архиепископија. Пет дена подоцна (на 17 јули 1967 година) Светиот архијерејски синод на МПЦ одржал седница во црквата „Света Богородица Перивлепта“ („Свети Климент“)  во Охрид, на која е донесена историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

По потпишувањето од страна на сите членови на Синодот: архиепископот г.г. Доситеј и митрополитите: г. Климент, г. Наум, г. Методиј и г. Кирил, истиот ден Одлуката е презентирана пред членовите на Третиот црковно-народен собор, што се одржал во катедралниот храм на охридските архиепископи – „Света Софија“ во Охрид.

На овој Собор, митрополитот г. Кирил беше избран за прв надлежен архијереј на штотуку востановената Американско-канадско-австралиско-македонската православна епархија, со која раководеше повеќе од две децении. Така зеде учество во повеќе делегации на МПЦ за запознавање на сестринските цркви со обновата на автокефалноста на Црквата на македонскиот народ, преку претставување на опширниот елаборат. Исто времено, ја извршуваше и функцијата претседател на Комисијата за враќање на македонски богослови од Богословиите на Српската православна црква (СПЦ).

Во 1968 година ја реализираше првата визитација на северноамериканскиот континент како надлежен архијереј на Американско-канадско-австралиско-македонската православна епархија. За време на едномесечниот престој во САД и Канада, го освети и третиот македонски православен храм на американските простори, црквата „Свети Ѓорѓи“ во градот Сиракуз, во државата Њујорк, а посети и други градови во кои го отвори и поттикна процесот за формирање нови македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светиклиментовата МПЦ.

Митрополитот г. Кирил во текот на наредните две и пол децении одигра голема духовнонационална улога, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. На тој начин е спречена натамошната асимилација и денационализација на македонскиот православен народ на тие простори.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *