МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОА – БРАНИТЕЛ И АФИРМАТОР НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА (14)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Во САД и Канада се изградени 37 велелепни македонски цркви со импозантни културно-просветни центри за севкупни активности што нашите луѓе, во сите сегменти од нивното живеење, ги прават да бидат радосни, среќни и достоинствени; да бидат познати, препознати и почитувани во нивните нови татковини. Толку цркви и манастири се изградени и на австралискиот континент. Во сите овие цркви пастирско-мисионерската дејност ја извршуваат македонски народни пастири.

Во македонските цркви, светите богослужби и чинодејствија се вршат на македонски, а извесни делови и на англиски јазик. Со успех работат македонски неделни училишта. Во нив се учи македонски јазик, национална историја, географија и веронаука. Создадени се извонредни услови за негување на македонскиот фолклор и разни други културно-уметнички забавни, литературни, социјални, хуманитарни, спортски и други активности. Се издаваат периодични весници, списанија и билтени, а отворени се радио и телевизиски часови на македонски јазик.

Притоа, се закупуваат огромни места за македонските гробишта. Македонските црковни општини во дијаспората заземаат значајно место во денешното современо живеење и опстојување на Македонците. Тие претставуваат македонски жаришта за зачувување на чистотата и убавината на нашата прадедовска вера, традициите, обичаите, националната свест и културата. Тие и денес претставуваат гранитна непобедлива тврдина и пред сегашните непријателски напади и жестокости.

Тие претставуваат вдахновувачка и обединувачка сила за својот предолго страдален народ за да не биде скршен духот и непокорот на македонскиот род и пород, за негово црковно-духовно инационално слободно живеење и творење на епохални дела, по примерот на своите боговдахновени претшественици, за доброто на целото прогресивно, мирољубиво и правдољубиво човештво.

Владика Кирил посебно нагласи дека во текот на септември 2002 година, со поглаварот на нашата Света црква, неговото блаженство архиепископот г.г. Стефан, престојуваа во САД и Канада. Споделиле бројни радости на светите богослужби и на други свечености со присуство на десетици илјадници македонски верници, почнувајќи од Лос Анџелес до Торонто, Канада и во многу други градови.

Црквата “Св, Климент и Св. Пантелејмон“ во Охрид

Најзначаен настан беше што новиот храм на „Раѓање на Света Богородица, беше осветен од архиепископот г.г. Стефан и митрополитот г. Кирил на 21 септември 2002 година. Македонската православна црква „Раѓање на Пресвета Богородица” во Детроит претставува најграндиозен остварен македонски храм и центар во чие архитектонско и црковно уметничко создавање се инвестирани десетина милиони американски долари.

Инаку, собирските манифестации се одржуваат секоја година во првата недела од септември и траат три дена. Тие се со богати црковно-духовни, културно-просветни и спортски манифестации, како и со други содржини и активности. Првиот собир на Американско-канадската епархија се одржа во 1975 година во градот Торонто, Канада; вториот во Колумбос, Охајо; третиот во Хамилтон, Канада; четвртиот во Гери, Индијана и така по ред се стигна до 43-от собир во Чикаго, во 2018 година.

Според моногравското дело „Митрополитот Кирил“, што е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Полошко-кумановската епархија и Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, од авторот на овие редови Славе Катин, неговото високопреосвештенство, митрополитот полошко-кумановски господин Кирил, беше надлежен архијереј на Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА.

Затоа, по враќањето од Соединетите Американски Држави и Канада, митрополитот  г. Кирил не информира дека заено со поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архиепископот г.г. Стефан и митрополитот Методи, го осветија храмот посветен на света Богородица во Колумбос на 22 октомври 2006 година. За неколку години во реализирањето на овој проект и на овој комплекс биле инвестирани околу 10.000.000 долари по примерот на црквата во Детроит.

Овде можеби е местото да споменеме дека целокупниот создаден капитал на македонските православни цркви се доближува до сума од повеќе од 500.000.000 американски долари. Создатели на ова грандиозно свето дело се бројните македонски верници, заедно со македонските народни пастири и архипастири. Под закрилата на Американско-канадската епархија во 2004 година се одржа триесеттиот по ред јубилеен црковно-народен собир во градот Лос Анџелес, САД. Домаќин беше Македонската православна црква „Св. Богородица”.

Инаку, првиот собир на Американско-канадската епархија се одржа во 1975 година во градот Торонто, Канада; вториот во Колумбос, Охајо; третиот во Хамилтон, Канада; четвртиот во Гери, Индијана и така по ред се стигна до 43-от собир во Чикаго, во 2018 година. Собирските манифестации се многу значајни. Тие претставуваат смотра на сеʼ што е постигнато во редовите на Македонската-православна црква во текот на една година на црковно-духовен, културно-просветен и спортски план.

Содржински, собирските манифестации се многу богати, сеопфатни и импресивни. Со проширени искуства и знаење, црковните општини се поттикнуваат на покрупни остварувања преку градба на просторни импозантни цркви и културнопросветни центри, со цел што повеќе да се привлече вниманието на младите.

Традиционално, собирските манифестации се одржуваат секоја година во првата недела од септември. Траат три дена и се со богати црковно-духовни, културно-просветни и спортски манифестации, како и со други содржини и активности. На епархиските и црковно-општинските органи и тела им се пружа извонредна пригода да ги поддржуваат, инспирираат и помагаат севкупните позитивни процеси за уште посестран и побогат развој на секциите при црковните општини, на неделните училишта на македонски јазик, играорните групи, хоровите, драмските активности, женските секции, спортот и сите други здружени креативни сили кои придонесуваат за посилен растеж на црквите и Епархијата. Имало години кога на собирските манифестации ќе продефилирале и преку 10.000 учесници.

Средствата за реализирање на севкупните културно-просветни и спортски активности, во кои земаат учество младите Македончиња родени во САД и Канада, ги подмируваат црковните општини. Порано, за жал, нашите верници во голем борј ги посетуваа конгресите (собирите) на МПО (Македонска патриотическа организација).

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *