Џафери – Пич: Северна Македонија и Обединетото Кралство, партнери и сојузници посветени на безбедноста низ единство

Техничкиот премиер Талат Џафери денеска оствари средба со Лорд Стјуарт Пич, специјален пратеник на премиерот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за Западен Балкан.

Џафери и Пич, како што информира владината прес-служба, ги поздравија одличните билатерални односи меѓу двете земји и изразија очекување дека воспоставената активна динамика на соработка, средби и посети на високо ниво ќе продолжи со несмален интензитет.
 
Џафери изрази задоволство што посетата на Пич се случува во моменти кога Северна Македонија одбележува четири години членство во НАТО и во годината кога Алијансата одбележува 75 години постоење. 

Заблагодарувајќи се на досегашната поддршка на Лорд Пич на нашиот евроатлантски пат и потсетувајќи на неговото лично присуство на историскиот момент на подигнување на знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел на 27 март 2020 година, Џафери, како што се наведува, ја нагласи одлучноста Северна Македонија да продолжи да биде активна и кредибилна членка на Алијансата, посветена на безбедноста низ единството, како и нашата силна врска со Обединетото Кралство.

– Упатувајќи честитки за годишнината од членството во НАТО, Лорд Стјуарт Пич  ја истакна посветеноста на Обединетото Кралство да продолжи активно да соработува со Северна Македонија како НАТО сојузник и да продолжи да ја подржува модернизацијата на одбраната, се вели во соопштението.

На средбата, како што се наведува, се разговараше за актуелни прашања од регионот на Западен Балкан,  за предизвиците, можностите и важноста од движење на регионот напред, за безбедноста во Европа во светло на војната во Украина, и соработката меѓу двете земји како партнери и сојузници на тој план.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *