Државната изборна комисија (ДИК) ги потврди кандидатурите на седуммината претседателски кандидати за изборите на 24 април. Редниот број на кандидатите на избирачкото ливче ќе се знае најдоцна до 28 март кога треба да биде извршена жрепката во ДИК.
На седмите претседателски избори нов мандат ќе бара Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, а негови противкандидати се Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска Цветковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Арбен Таравари поддржан од албанската опозициска коалиција „Вреди“.
Изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април годинава, започнува на 4 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 22 април.
Најголем дел од политичките партии веќе ги соопштуваат носителите на листи за парламентарните избори (8 мај), а дел од нив своите претствувања ќе ги имаат викендов. Кандидатските листи за парламентарните избори до ДИК треба да бидат доставени најдоцна до 2 април – односно 35 дена пред изборите на 8 мај.
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) вчера ја отвори набљудувачката мисија во Северна Македонија за претседателските избори што ќе се одржат на 24 април и парламентарните избори закажани на 8 мај. Првпат, ОБСЕ/ОДИХР во земјава ќе набљудуваат два вида избори што ќе се случуваат во исто време – претседателски и парламентарни избори. За двата изборни циклуси ќе бидат ангажирани 320 набљудувачи, од кои 20 долгорочни и 300 краткорочни.
Покрај главниот тим, ОБСЕ/ОДИХР ќе има група на 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ земјата во тимови од по двајца и тоа во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и Штип, а два тима ќе има во Скопје. Во Набљудувачката мисија ќе бидат ангажирани и 300 краткорочни набљудувачи кои треба да пристигнат непосредно пред изборите и ќе бидат распоредени низ земјата. Тие неколку дена пред изборите ќе одат во избирачките места, ќе ги набљудуваат избирачите и процесот на пребројување на гласовите и сумирањето на резултатите.
Обезбедувањето фер и демократски избори беше тема и на вчерашната средба на техничкиот премиер Талат Џафери и со членовите на ДИК. На средбата, која се одржала на покана на Џафери, тој истакнал дека, обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување од аспект на законската регулатива и минимум стандарди, туку и взаемна проактивност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи.
Заедничка констатација на средбата била дека, Република Северна Македонија е на европскиот пат, практикува европски вредности и потребен е силен фокус од сите политички субјекти и наратив на меѓусебно почитување, за фер и демократски избори што ќе придонесат во напредокот кон Европската Унија.
96i80q