ЗГАСНА СРЦЕТО НА ГОЛЕМИОТ ДОНАТОР И ХУМАНИСТ АТАНАС БЛИЗНАКОВ – (ДЕЛ I) (21

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Последните дни од животот Атанас Близнаков ги помина во својот стан, заедно со својот животен сопатник – сопругата Славка. Тие старечки моменти ги помина во фотелјата, во која поминуваше поголем дел од својот живот. За неговото здравје се грижеа лекарите од Студентската поликлиника, како и други здравствени работници кои од почит кон Атанас и Славка Близнакови доаѓаа во нивниот стан да ги прегледаат, да им дадат лекарства, да им помогнат во нивната психофизичка состојба. Меѓу нив посебно место ѝ  припаѓа на лекарот Јорданка Ковачевска 

Меѓутоа, во последните години најголем ,,лекар” беше неговата внука Нуша Терзиева – Пачкова која до последно се грижеше посебно за хигиената.        

Атанас Близнаков почина на 10 јули 1998 година во станот на Ул. „Орце Николов” бр. 75 на возраст од скоро 97 години. Неговата смрт беше од старост, од што престанаа повеќе функции од неговиот организам. На тој дена згасна големото срце на патриотот, донаторот, хуманистот, на човекот со големо чувство на припадност кон Македонија. За поупатените, неговиот живот по многу нешто може да се вброи во судбините кои се однесуваат како македонска сага.

По повод неговата смрт во Ректоратот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” се одржа комеморативна седница. На седницата беа присутни: членови на Фондацијата, продекани, студенти, пријатели и други лица. За неговиот лик и дело зборуваше ректорот д-р Радмила Кипријанова, која во своето излагање рече:

,,На 10 јули 1998 година, во 07-та година од животот, почина Атанас Близнаков, основач на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф” при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје – првенец во редот на донаторите во нашата универзитетска средина, за стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во студиит.

Роден пред 97 години во Костурското револуционерно село Д’мбени, соочен со тешки егзистенцијални проблеми, Атанас Близнаков на 19 годиша возраст тргнал по трновитите печалбарски стапки и го продолжил својот печалбарски и револуционерен живот далеку од својата родна земја, во Америка. Живеејќи повеќе од половина век на тие простори, Близнаков бил активно вклучен во прогресивните движења и организации за остварување на идеалите на својот поробен македонски народ.   Далеку од својата родна земја, целиот свој живот го посветил на слободата и напредокот на македонскиот народ.

Неговата љубов и почит кон својата родна земја, продолжи и по неговото враќање во својата слободна татковина, кога со својот хуман гест и со своето завештание и тестамент, во 1977 година формира Фондација за стипендирање студенти – ,,Атанас Близнаков”. Овој чин е прв во историјата на нашиот Универзитет. И затоа, не случајно, тој го зазема првото место на Спомен-плочата на донатори, изработена во знак на почит и благодарност кон сите кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”.

Од формирањето на Фондацијата „Атанас Близнаков” до денес, чест да бидат корисници на стипендии имаа повеќе од 200 студенти од поголем број факултети од сите научни области: од техничките науки, природно-математичките, медицинските, општествените, биотехнич­ките науки и од уметностите, а дипломирале 170 негови стипендисти со високи резултати во студирањето.

Големото благородно дело на нашиот сонародник и прв донатор Атанас Близнаков, претставува своевиден пример и поттик за младите генерации да придонесуваат во развојот на науката и афирмацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, а со тоа да учествуваат во развојот, јакнењето и угледот на нашата држава за што тој, низ целиот свој животен пат се залагаше и придонесуваше.

 Митрополитот Кирил

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” му е вечно благодарен за големото хумано дело кое го краси ликот на Атанас Близнаков. Нека му е вечна слава”, рече проф. д-р Радмила Кипријанова.

Пред капелата на Градските гробишта во Бутел – Скопје, пак, каде што присуствуваа сопругата Славка, членовите на Фондацијата, претставници од Ректоратот, роднини  и пријатели од Д’мбени и од други места на упокоениот Атанас Близнаков, студенти, претставници на Македонската православна црква, на бројни државни институции и голем број почитувачи на името и делото на донаторот, најпрво од упокоениот Атанас Близнаков се прости Полошко-кумановскиот архиереј Митропо­ли­тот Кирил, кој заедно со ѓаконот Александар Цандовски и свеште­ниците Ецо Јовановски, и Ристе Ристевски го изврши опелото.

1src111

Пренесување на моштите на Атанас Близнаков 

Во својот говор Митрополитот Кирил рече:

,,Ожалостено собрание, роднини, блиски, пријатели и почитувачи на покојниот Атанас Близнаков,

Веста за упокојувањето на големиот доблесен син редок патриот, хуманист, голем и штедар донатор Атанас Близнаковдлагоко не’ растажи и нас во редовите на родната мајка Светиклиментова црква и овде во татковината и во дијаспората. Уште еден животен од се заврши, престана да животворува и плодотворува уште едно големо благородно широко македонско срце.

Покојниот Атанас целиот свој долгодецениски животен пат го изоде чесно и достоинствено и го вгради во светото македонско патриотско дело, а за добробитот и афирмација на својот народ на кого со душа и срце му помагаше. Моето прво среќавање со овој прекрасен деец датира од 1965 година на Североамериканскиот континент во градот Гери – Индијана. Оттогаш до последните мигови од неговото овоземно чекорење среќавањата станаа многубројни, и во далечниот свет и овде во татковината. Додека го служеше здравјето навраќаше во Архиепископијата каде што долго поседуваше. Тој пленеше со својата елоквенција, животна мудрост и едноставност.

Од неговата патриотска лика и дејност извираше неисцрпна енергичност и одлучност за победа во нашата кауза, за победа на нашата правда наднеправдата. Неговиот дух беше огнен и палеше со возвишена патриотска мисла и благородни хумани чувства и пораки. Покојниот Атанас Близнаков беше човек со широки космополитски мирољубиви погледи и стремежи. Овој наш вреден трудбеник својот работен век го помина далеку од родната и мила Македонија. Но, не пропушти својот овоземен векда го дооди во неа и занавек мирно и спокојно да почива во нејзините прегратки. Се чувствуваше извонредно среќен и пресреќен што даде утеха на својот длабок копнеж да биде опкружен со искрена љубов и почит меѓу големиот број пријатели и млади македонски студенти – стипендијанти, во својата родна и мила Македонија.

Ретки се луѓето кои во мирнодопско време се подготвени да му подарат се’ на својот народ и да живеат за својот народ. Покојниот Атанас е еден од ретките македонски знаменосци на Северноамериканскиот континент. Неуморен и истакнат поборник и чувар од секаквите непријателски пропагандни посегнувања по чувствата и достоинството на нашите браќа и сестри во тој далечен свет.

Беше редок сејач, во душите и срцата, на еднородните по дух и крв браќа и сестри, на патриотското животворно македонско семе. Го челичеше кај нив патриотизмот и силната приврзаност кон родната татковска и мајчинска македонска грутка.

Умееше да поттикнува и да насочува, нашиот народ да се образува на културно-просветен, духовен, социјален и на сите други полиња, да го зацврстува националното и духовното единсво сред нашиот народ, како најсилна гаранција за да не се одроди во тие широки простори.

Најсилна потпора и помош во неговата возвишена патриотска мисија имаше во неговата прекрасна животна сопатничка – сопругата Славка.

Во текот на неколкуте поминати децении, пак, Атанас се покажа и се докажа како редок и неуморен патриот за својот народ во далечниот свет.

Тој е еден од иницијаторите и креаторите на најкрупните црковни и културно-просветни манифестации на Северноамериканскиот континент – катагодишните црковно-народни собири. Беше озарена личност и се вгради во сите пори. Остави длабок печат во нашата понова историја. СО својот углед и самопрегор го издигна угледот на нашите луѓе пред тамошниот свет во САД. Тој ќе остане жив образец за идните поколенија како треба искрено да се сака, да се придонесува и да се живее за својот народ и татковината. Својот патриотски долг го изврши возвишено, чесно и достоинствено.

Во Америка важи девизата: „за да бидеш богат, треба да бидеш умен (паметен креативен – добар работник и менаџер)”

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

32 thoughts on “ЗГАСНА СРЦЕТО НА ГОЛЕМИОТ ДОНАТОР И ХУМАНИСТ АТАНАС БЛИЗНАКОВ – (ДЕЛ I) (21

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *