Рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак вчера на прес-конференција го оцени како непријателски чин и без преседан за целата историја на руско-македонските односи протерувањето руски дипломат од страна на македонските власти. Во однос на зачленувањето на земјава во НАТО, пак, порача дека во случај на агресија од НАТО кон Русија, доколку Македонија стане дел од Алијансата, таа ќе биде легитимна цел при возвратен напад од Русија.
– НАТО е единствен во светот воено-политички блок што се затскрива зад евроатлантска солидарност. НАТО е виновен за почнување на многу агресивни војни во кои гинат милиони луѓе. Во своите воени доктрини официјално Руската Федерација ја прогласија за свој ривал. Како ние во овој случај можеме да ги поздравиме обидите Македонија да се вклучи во НАТО и да се претвори во база на оваа агресивна Алијанса, запраша Шчербак.
Додаде дека во случај на агресија од НАТО кон Русија, доколку Македонија стане дел од НАТО таа ќе биде легитимна цел при возвратен напад од Русија.
Според него, самото проширување на ваквиот сојуз не може да има позитивно влијание врз стабилноста на регионот.
Шчербак, пак од друга страна, во контекст на изјавата од минатата недела на заменик шефот на руската дипломатија Александар Грушко, дека ако Македонија стане членка на НАТО тоа ќе влијае на билатералните односи и стабилноста во регионот, рече дека „ нема закана на адреса на Македонија“, доколку стане членка на НАТО.
Според него, разговорот на Грушко со македонскиот амбасадор Гоце Карајанов, бил за натамошниот успешен развој на билатералните односи и се дискутирало за многу аспекти од трговската, економската, културната соработка, инвестициите.
– Беше изразена нашата загриженост од плановите за вовлекување на Македонија во НАТО и беше забележано за негативните последици од тоа вовлекување по регионалната безбедност и билатералните односи, рече Шчербак, додавајќи оти Русија повеќепати го изнесува истиот став.
Според него, сите обиди загриженоста на Русија да се толкува како закана на адреса на Македонија, како што кажа, „се пропагандистички и лажни вести“.
Рускиот амбасадор, пак од друга страна, посочи дека Македонија е суверена држава и како таква има целосно право да се зачлени во какви било меѓународни структури.
– Нема да ви наметнуваме наши ставови со кого да бидете пријатели, со кого да соработувате. Но имам човечка должност да ви кажам дека вакви одлуки треба да бидат добро промислени и да се слуша волјата на народот преку референдум, рече тој.
Според него, зачленувањето на Македонија во НАТО нема да и обезбеди просперитет и нема да го зацврсти нејзиниот територијален интегритет.
– Воздушниот простор на земјата одамна е под контрола на силите на НАТО, и кој во такви услови може да ја нападне Македонија. Самото НАТО или можеби вонземјани?, запраша Шчербак.
За протерувањето на рускиот дипломат, рече дека е „политичка нарачка, за да се обезбеди учество на Македонија во колективната акција на ЕУ и НАТО за протерување дипломати, во солидарност со Велика Британија“.
– Властите во Скопје се одлучија да го преземат овој „непријателски чин во однос на нашата земја под влијание однадвор, но тоа не ги ослободува македонските власти од негативните последици во однос на билатералните односи, оцени рускиот амбасадор.
Во однос на тоа какви чекори ќе преземе Русија како одговор на протерувањето на руски дипломат од страна на Македонија, Шчербак рече дека Русија има стара традиција во дипломатијата и оти нема традиција да брза во одлуките и чекорите кои ќе ги преземе.
– Во дипломатијата протерување дипломат е сериозен и непријателски чекор и во свое време ќе вратиме со наш одговор. Но, овој одговор ќе биде адекватен и добро промислен од сите страни, истакна Шчербак.
Истакна дека оваа избрзана и, според него, кусогледа одлука се коси со декларираните официјални ставови за развој на конструктивни и заемно добри односи со Русија.
Во однос на изјавата на шефот на дипломатијата Никола Димитров, дека лицето делувало надвор од својот дипломатски мандат, Шчербак посочи дека македонската страна не доставила докази за тврдењата за делувањето на дипломатот, односно дали тој се занимавал со одредени дејствија што излегуваат од дипломатскиот статус согласно Виенската конвенција за дипломатски односи.
Македонското МНР во понеделникот објави дека протерува еден руски дипломат во консултации со ЕУ и НАТО, а во солидарност со Велика Британија поради случајот Скрипал. Шефот на дипломатијата Никола Димитров еден ден подоцна рече дека протерувањето е и поради заштита на сопствените безбедносни интереси на земјава, односно дипломатот излегол од рамките на својот мандат и се обидел да се здобие со класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.
Претседателот Ѓорге Иванов во вторникот излезе со став дека одлуката за протерување на дипломатот е избрзана, додека премиерот Зоран Заев оцени дека овој случај не би требало да ги влоши односите со Москва.
Рускиот амбасадор инаку, детално говореше за улогата на Велика Британија во, како што кажа „потпалувањето на антируската кампања низ светот“. Рече дека Русија ги отфрла сите обвинувања за случајот „Скрипал“, труење на Сергеј и Јулија Скрипал, татко и ќерка руски државјани, на 4 март во британскиот град Солсбери. Тие се наоѓаат во критична состојба по труењето со нервен гас.
– За жал, британските власти наспроти сите акти на меѓународото право ги одбиваат сите повици за истрага и поведуваат голема меѓународна кампања против на оцрнување против нас и неосновано протерува руски дипломати од повеќе земји од светот и најавуваат санкции, рече рускиот амбасадор, повикувајќи го Лондон на сестрана соработка со Русија со цел да се изврши објективна истрага за случајот, додаде Шчербак.
Инаку, за нивното труење, Велика Британија ја обвини Русија, што резултираше со дипломатска војна меѓу Москва и западните земји. Повеќе од 20 западни земји решија да протераат руски дипломати во знак на солидарност со Лондон поради труењето на Скрипал. Москва од своја страна негира каква и да било нејзина поврзаност со труењето на Скрипал и неговата ќерка. Триест и тригодишната Јулија Скрипал и нејзиниот татко, поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал, се наоѓаат во критична состојба од 4 март, кога беа пронајдени во бессознание на една клупа во англискиот град Салзбери.
Меѓу државите кои протераа руски дипломати од солидарност кон Велика Британија, 18 се членки на Европската унија:
– Белгија (1 дипломат), Хрватска (1 дипломат), Чешка (3 дипломати), Данска (2 дипломати), Естонија (1 дипломат), Финска (1 дипломат), Франција (4 дипломати), Германија (4 дипломати), Унгарија (1 дипломат), Ирска (1 дипломат), Италија (2 дипломати), Лeтонија (1 дипломат), Литванија (3 дипломати), Холандија (2 дипломати), Полска (4 дипломати), Романија (1 дипломат), Шпанија (2 дипломати) и Шведска (1 дипломат).
Држави кои не се членки на ЕУ – Албанија (двајца руски дипломати), Австралија (2 дипломати), Канада (4 дипломати), Македонија (1 дипломат), Молдавија (3 дипломати), Норвешка (1 дипломат), Украина (13 дипломати) и САД (60 дипломати).