СИНИША СТАНКОВИЌ – ПОЧЕСЕН ДОКТОР НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ (10)

Д-р Милка Пљакиќ долгогодишен асистент на Станковиќ, познат биолог и научен работник, за професорот запишала:

„Една од значајните страни во интензивирањето на научно – наставната дејност на академикот Станковиќ, која не го напушти до крајот на животот, се перспективите на развојот на теориската биологија и примена на нејзините резултати во различни области на научното создавање и во животот.“ 

          “Во последните децении се направени крупни чекори во расветлувањето на законитостите на различни нивоа за организацијата на живите системи. Откриени се специфичностите кои ја карактеризираат организацијата на секој од тие живи системи“, велел  професорот Станковиќ.

          По повод промовирањето на академикот Синиша Станковиќ за почесен доктор на биолошките науки на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, професорот д-р Јонче Шапкарев, меѓу другото, го рекол и следново: 

          „Огромната заслуга на академикот Синиша Станковиќ може да се согледа преку анализа на неговата научно – истражувачка работа. Во својот речиси шеесетгодишен плоден и истражувачки период, од огромна важност се неговите публикации од областа на систематиката, зоогеографијата, морфологијата, ембриологијата, екологијата и еволуцијата на живиот свет.

          Врз база на неговите научни трудови, меѓу кои има и монографски студии, научната и истражувачката дејност на академикот се одвиваше во испитување на рибите, на копнените води и на нивните паразити, таксономските и зоографските истражувања на планариите, испитување на биологијата и распространувањето на маларичните комарци по долината на Дунав и во Македонија и истражувања на регионалните лимнолошки карактеристики на балканските езера.“ 

          Професорот Станковиќ уште во 1920 година ја објавил својата научна работа во Гренобл, која се однесувала на исхраната на пастрмките во алпските проточни води, за подоцна, во 1921 година, да докторира кај професорот Лежер, на тема „Развиток и исхрана на младите циприниди“. Од особен интерес се неговите истражувања во врска со продукцијата на проточните и на стоечките води, вклучувајќи ги тука и македонските езера.

         На времето, професорот Станковиќ се зафатил со проучување на начинот на уништување на маларичните комарци. Исто така, неговото големо значење и прилог за науката претставуваат и истражувањата на планариите (вид црвчиња) во копнените води на Балканскиот Полуостров.

Св. Јован Канео

          Најголем дел од својата истражувачка кариера, како и најголем број научни трудови, се однесуваат на лимнолошките истражувања, проучувајќи ги хидрографските карактеристики, животните услови, живиот свет и продукцијата на балканските езера. Тој вршел регионални лимнолошки истражувања како на крашките езера на Динарскиот ситем, така и на езерата од Егејската зона.

          Од вкупниот научно – педагошки опус, кој опфаќа 95 библиографски единици, 42 се однесуваат на Охридското Езеро. Овие трудови опфаќаат различна лимнолошка проблематика, како што се географските особености на езерото, термичкиот режим на фауната на дното, систематиката на планариите и нивното географско распространување, рибниот продуктивитет на Езерото, како и проблемите на специјацијата.

         Таквиот широк интерес не бил само одраз на неговата љубопитност, туку и показател колку лимнологијата ја разбирал како интердисциплинарна наука, а езерата – како комплексни екосистеми.

Продолжува 

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

29 thoughts on “СИНИША СТАНКОВИЌ – ПОЧЕСЕН ДОКТОР НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ (10)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *