ЊУЈОРК – ФОЛКЛОРНА РИЗНИЦА НА АНСАМБЛОТ „ТОМОВ“ (13)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Томов почна со пробите во септември, во Морели студијата (Моrelli Studios) на 14-та улица. Стартуваше со дваесетина млади Американци – мажи и жени. Дел од нив биле искусни игроорци, а други никогаш не настапиле пред публика. Но, сите биле исполнети со ентузијазам и биле подготвени да посветат време и напорна работа да ги научат прво основните, а потоа и посуптилните техники и стилови на балканските игри.

Всушност, тоа не значеше учење само еден, туку многу стилови. Како што Америка е „голем лонец”, т.е. место каде многу народи од различни раси, земји или од општествени класи живеат, таква беше и Југославија, составена од: Македонци, Словенци, Срби, Црногорци, Босанци и други етнички малцински групи како Албанци, Романци, Унгарци, а секој народ со свој стил на играње, пеење, облекување. Целта на Георги беше на сцена да даде автентична, прецизна презентација на фолклорниот стил од секој регион и со неговата главна карактеристика.

Помеѓу првите ора кои требаше да се постават на репертоарот беа оние од Македонија, родната земја на Томов. Тој ги учеше да го играат сплетот ора од Повардарјето, од Источна Македонија, па сплет ора базирани врз земјоделскиот живот на селаните, како и невестинско – бавно, но прекрасното познато и преубаво оро.

Во текот на овој период, Друштвото постигна голем напредок со тоа што го воведе македонскиот и балканскиот фолклор меѓу луѓето на Соединетите Американски Држави и Канада.

Во април 1975 година, неговата игроорна група го имаше својот прв голем концерт пред голем аудиториум во Хантер колеџот (Hunter College), споделувајќи ја програмата со две други големи играорни групи, Унгарска (Ungaresca) и Јаносик (Janosik). Беа додадени сплетови за да ги презентираат различните ора од Посавина, во Источна Хрватска, брзото оро со скокање линџо од Далмација и буњевачко, орото трио од Суботица, во близина на границата со Унгарија.

Албанското влијание беше евидентно во шота, орото на додворување од косовскиот регион. Сплетот ора од Србија ги прикажаа бројните разновидни движења – од спокојниот, прецизен моравец до галопирачките ритмови на катанка, орото на коњаници.

Во 1975 година, Георги ја основа Фондацијата „Folkdens” (Folkdance Foundation Inc.), во Њујорк, станувајќи нејзин основач и претседател. Оваа културна организација беше спонзорирана и од државата Њујорк и од Советот за уметностите во Квинс. Во тоа време, Фондацијата издавала и го ширела списанието „Фолквју” (Folk View) што опфаќало фолклор, а кое привлекло голем број приврзаници на оваа тема и на студиото „Томов”.

Co текот на времето, во 1977 година Студиото за народни игри „Томов” и Фондацијата „Фолкденс” го исполнија сонот на Георги – друштвото стана професионално и постигна полн сјај под негово раководство. Во тоа време, фолклорниот ансамбл за народни игри „Томов” настапува во многу земји низ целиот свет.

Неговата привлечност стана универзална затоа што му се восхитуваа многу нови приврзаници на народните игри и ора од сите народи и, што е уште поважно, од сите возрасни групи од различно етничко и национално потекло.

Во Њујорк настапуваа во големите концертни сали: Карнеги Хол (Carnegie Hall), Хантер Колеџ (Hunter College) и Линколн центарот. Големо беше признаниетоа кога во Авери фишер хол (Avery Fisher Hall) друштвото на Томов беше избрано за една од најдобрите играорни групи во државата Њујорк.

Ансамблот „Томов”, чиј дом се наоѓаше во Њујорк Сити, беше формиран да ги зачува и промовира балканските народни песни и ора во тоа време. Co своите посветени американски танчери полни со ентузијазам, активно настапувал на локален, национален и меѓународен план и од критиката беше високо оценет и дома и во странство.

1tri33

Георги (Џорџ) Томов и неговиот Ансамбл со огромна посветеност ги чуваа народните традиции од минатите генерации недопрени и ги споделуваа тие традиции со луѓето од различно етничко потекло. Иако беа приспособени да настапуваат на сцена, извонредна грижа се водела да се зачува автентичноста на чекорите, стилот, костимите и духот.

Се веруваше дека постоењето на ансамблот ќе помогне богатството и убавината на македонското и балканското фолклорно наследство никогаш да не исчезнат.

Георги (Џорџ) Томов бил професионален игроорец во „ТАНЕЦ” и „ЛАДО”, светски познатите фолклорни ансамбли на Македонија, односно Хрватска, каде поради својата брилијантност како солист стекнува висока оценка од критичарите.

Нашироко познат како експерт за балкански ора, песни и фолклор, редовно држел стручни часови и предавања низ цела Америка и Канада и серија предавања и фолклорни презентации на видеоленти за балканската и американската телевизиска публика.

Ансамблот „Томов” имал огромен број професионални настапи кои биле возбудливи, интересни, прецизни, колоритни и духовни. Најголемиот дел од неговата активност и дејност се карактеризира со чувство на голема љубов за ората и со респект кон културните традиции од поднебјето од кое тие потекнуваат.

Постоеја многу причини зошто луѓето играа во Ансамблот „Томов”. Но, основната беше многу едноставна: вистинската, чиста возбуда поради настапувањето и изведувањето. Без разлика дали некој е интровертен, екстровертен, новајлија или искусен – возбудата беше голема, како ниедна друга.

Дел од воодушевувањето и предизвикот да се биде дел од Ансамблот „Томов”, се состоеја во разноликоста на ситуациите, бините и сцените. Во текот на годините, тие настапуваа на такви славни сцени какви што се Карнеги хол и Линколн центарот. Тие, исто така, настапуваа и во наставни центри, паркови, спортски сали, на музички платформи на отворен простор, сали, фестивалски холови, ТВ студија, сретсела и во градски палати.

Продолжува

Пишува СЛАВЕ КАТИН

105 thoughts on “ЊУЈОРК – ФОЛКЛОРНА РИЗНИЦА НА АНСАМБЛОТ „ТОМОВ“ (13)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *