Честитка од Сотировски по повод еврејскиот празник Пасха

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски по повод еврејскиот празник Пасха упати честитка до претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо-Николиќ.

– Дозволете ми Вам лично и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Песах и одбележувањето на денот на ослободување на еврејскиот народ од египетското ропство. Одбележувањето на овој празник кај еврејскиот народ е поврзан со симболот на слободата како универзална вредност на секој човек. Слободата е фундаментално човеково право кое претставува темел на еден подобар и похуман свет, се вели во честитката од Сотировски.

Пораката на Песах, како што се наведува, е да не поттикне на размислување дека слободата на човекот, вклучувајќи ја и неговата цврста вера во Бога се духовна сила пред која замолкнува секое зло и ги победува сите предизвици.

– Заемното почитување и цврстата верба во светлата иднина на секој човек се духовната сила која придонесува за остварување на неговите највисоки идеали. Еврејската заедница во Македонија со своите активности и заложби претставува вистински пример за негување на овие позитивни вредности во нашето општество. Ви посакувам овој празник да го поминете во мир, здравје и благосостојба, додава Сотировски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *