Мекалистер: ЕУ правеше грешки и не ги исполни своите ветувања во процесот на проширување, како што е случајот со Северна Македонија

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер денеска изјави дека Европската Унија правела грешки во процесот на проширување на Западен Балкан и не исполнила некои свои ветувања.

На прашањето зошто пристапниот процес со шесте држави од Западен Балкан напредува толку бавно, Мекалистер вели дека за тоа удел имаат и двете страни. 

– Земјите од Западен Балкан направија премал напредок во реформите од многу различни причини. Од друга страна, ЕУ даде ветувања кои потоа не беа одржани. Погледнете го примерот со Северна Македонија, кандидат за членство од 2005 година. Земјата го смени своето име во 2019 година под грчки притисок, но пристапните преговори не се отворени до денес – спротивно на она што беше ветено. Како Европска Унија, повеќе не можеме да дозволиме такви сиви зони во нашата политика за проширување, потенцира Мекалистер.

Во однос на тоа колку долго треба да чекаат земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ, Мекалистер со став дека процесот на пристапување е регата, а не конвој. – Секоја земја мора да напредува кон членство во ЕУ со свое темпо и да се оценува поединечно. Не смее да има компромиси кога станува збор за критериумите за пристапување. Наместо тоа, наша задача е постепено да им олесниме на земјите од Западен Балкан да се поврзат со Европа – на пример преку постепен пристап до внатрешниот пазар и програмите за финансирање од ЕУ, посочува европскиот политичар.

Во интервјуто за Велт тој истакна и дека ЕУ во моментов не е подготвена за сите девет кандидати, но потенцира дека сега тоа не е тоа поентата. – Сите држави со амбиции за членство имаат перспектива за членство во ЕУ на среден и долг рок. Ниту една од земјите нема да ги исполни сите барани критериуми за пристапување во блиска иднина. ЕУ треба да ги искористи следните неколку години за сеопфатно да се подготви за можните рунди на проширување. Мораме да ја направиме нашата европска куќа погодна за иднината. Ова вклучува реформа на процесите на донесување одлуки за да може побрзо и пофлексибилно да реагираме како заедница. Буџетот на ЕУ исто така треба да се модернизира, инаку проширувањето не би можело да се финансира.