ЊУЈОРК – ГРАДОТ НА ЖИВЕЕЊЕТО НА георги (ЏОРЏ) томов (10)

Дел од МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Според моногравското дело „Томов“, што е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје 1-320, од авторот на овие редови Славе Катин, Георги (Џорџ) Томов беше жива легенда за македонските игри и песни. Тој беше еден од главните македонски и балкански движечки сили во Соединетите Американски Држави (САД) одговорен за развојот на непрекинатата страст за народни игри и ора која прогресивно цветаше од едниот до другиот брег на Америка

Денес Њујорк е најголем центар на американската меѓународна трговија. Во него има големи складови за стока, развиени се и сите видови индустрија. Така, 20% од сите американски индустриски претпријатија се концентрирани во Њујорк; во неговите банки се наоѓа најголемиот светски финансиски капитал. Затоа, се вели дека Њујорк е најголемиот банкарски центар, а “Волстрит” е најголемата светска берза

Георги (Џорџ)Томов повторно се вратил во Македонија во 1963 година, но веќе го обземала  мислата  да отпатува во различни места и држави. Така и одлучил и го напуштил Скопје. Неговата прва станица била Загреб во Хрватска, каде бил примен за член на Хрватскиот национален фолклорен ансамбл “Ладо”, каде и останал се до 1967 година.

Додека беше во “Ладо”, Георги Томов интензивно започнал да го проучува потеклото на игрите. Тоа не го правел со некоја одредена цел, туку за свое лично задоволство и образование. И тогаш не му паѓало на ум да  има свое фолклорно друштво, или заради тоа да емигрира во САД.

Од десетините земји што ги посетил како играч на “Ладо”, најмногу му се бендисало во САД. Во 1967 година, со “Ладо” заминал за Канада и САД. Со мисла бил дека не треба да остане подолго од една до две години.  Така, Георги Томов заминал за Њујорк, каде нашол ново место за живеење.

За Њујорк се напишани милиони текстови, но во продолжение е поместена репортажата на авторот на монографијата „Томов“, Славе Катин, за посетата и впечатоците како е доживеана оваа светска метропола:

За Њујорк заминав преку Торонто во еден убав пролетен ден, исполнет со зеленило и мириси на цветови од различни бои. На специфичен начин на кој животот се буди и развива чувства на убаво и посебна љубов кон природата. Сонцето чиј бои се преливаа во далечините на Исток, од каде започнуваше новиот ден, беше како огромна топка или како балон што едвај се движи во просторот. Глетката беше прекрасна кога авионот на “Аир Канада” го надлетуваше Торонто и се упати во правец кон Њујорк. Пат кој требаше да трае околу еден и пол час.

Ми остана во длабоко сеќавање и надлетувањето на Нијагарските Водопади. Под нас беше најголемиот водопад од канадската страна, кој е поживописен и попривлечен од помалиот водопад што е на американската страна. Од височините тие изгледаа како скромни речни јазови што ги создала природата да бидат единствени на Земјината топка.

Тоа беше глетка што не може да се заборави и остава трајни впечатоци кај патникот. А, бидејќи временските услови беа погодни, во далечините лесно можеше да се види и Веланскиот Канал, низ кој водниот сообраќај претставува главна артерија меѓу езерата Ири и Онтарио, а оттаму преку реката Сент Лоренц водената маса навлегува во Атлантскиот Океан.

Во далечината се гледаше поголем дел од светската метропола – Њујорк, како голем простор и населени места во државата Њу Џерси, која е на десниот брег на реката Хадсон. Државите Њу Џерси и Њујорк се поврзани со неколку тунели и мостови, меѓу кои и мостот “Џорџ Вашингтон”, кој е на два ката и еден од најголемите и најубавите во светот. Околу пладне авионот слета на аеродромот “Њуварк”, во Њу Џерси. Времето беше сончево и топло и при слетувањето лесно можеа да се видат многу објекти на тој дел на Њу Џерси.

На аеродромот ме пречека мојот пријател Георги Томов, со кого се упативме кон Њујорк. На пат за метрополата, поминавме низ Патерсон, кој некогаш бил најголемиот центар на свила за што сведочат и бројните објекти од минатото. А во продолжение на Њуварк, покрај Патерсон.

1aus22

Њујорк

Потоа, поминавме низ Клифтон, Гарфилд, Тотова и други градчиња кои се нанижани еден до друг и кои ги дели некоја улица или канал, што за посетителот од Европа не е многу јасно. Меѓутоа, сите тие градови претставуваат една целина што се протега долж автопатот бр. 80, кој преку автопатот 95 е главната артерија меѓу Њу Џерси и Бронкс во Њујорк.

Од Њу Џерси преку реката Хадсон се доаѓа, главно, преку подводните тунели “Холанд” и “Линколн”, како и преку мостовите “Џорџ Вашингтон” и “Верзано Нероуз”, со Георги Томов се движевме по автопатот бр. 4 и се приклучивме кон долгата колона автомобили што ја преминуваше реката Хадсон преку мостот “Џорџ Вашингтон”. Се движевме по линиите (патните ленти), како што милуваат да кажат Њујорчани, од каде што продолживме долж реката кон југ, со цел да ја видиме големата метропола од сите страни.

Додека се возевме му поставував многу прашања на Георги Томов, кој со силен ентузијазам и со одбрани зборови ми раскажуваше за неговиот фолклорен ансамбл ”Томов”, за почетоците, за успесите, за многубројните концерти, за успесите и постигнатите резултати на полето на фолклорот и афирмирањето на македонската култура во целина.

Покрај фолклорот, орото и песната, господинот Томов беше мој водич низ метрополата. Тој ме информира дека четири децении е во Њујорк и неговото познавање на градот беше многу значајно за мене. Како што се движевме низ улиците на велеградот, така господинот Томов ме “бомбардираше” со многу информации.

Така, меѓу другото, дознав дека Њујорк, со пошироката градска околина има над 16 милиони жители и претставува најголемо пристаниште и најголем стопански центар во светот. Овој велеград се развил на утоката на реката Хадсон и на бреговите на заливот кој го затвора островот Лонг Ајланд.

На почетокот на најважниот дел од Њујорк, на Менхетен од источната страна на реката Хадсон, Холанѓаните во 1625 година подигнале тврдина, а неколку години подоцна за ситници, вредни 24 долари, од Индијанците го откупиле Менхетен. Тој денес е најскапиот дел од оваа голема метропола, каде секоја педа земја се плаќа со баснословни суми пари и злато.

Холанѓаните го нарекле градот Нов Амстердам. Меѓутоа, во 1664 година тој простор го освоиле Англичаните и го нарекле Њујорк. Така, новиот град, во 1789 година станал главен град на САД, кога Џорџ Вашингтон бил прогласен за прв претседател.

Продолжува

 Пишува СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *