Промоција на нова книга на Милчо Манчевски и целовечерен мултимедијален настан

Во новиот Културен центар „Лабораториум“ (старата печатница на „Нова Македонија“) вечер ќе биде промовирана новата книга на режисерот Милчо Манчевски, „Манчевски: Пет есеи“.

Книгата ќе биде претставена како дел од целовечерна мултимедијална презентација, со проекција на филмови и промоција. Промотивна реч ќе одржи проф. д-р Ана Димишковска, а делови од есеите ќе читаат актерите Никола Ристески и Елена Кузманов.

Издавач на двојазичната книга (македонски и англиски) е Филозофското друштво на Македонија, а предговорот е на проф. д-р Иван Џепароски.

Книгата содржи пет есеи пишувани во различни периоди, кои се резултат на долгогодишните размислувања на Манчевски за уметноста од позиција на уметник во повеќе области (покрај филм, тој твори и во полето на фотографија, ликовни уметности, и книжевност), но и од позиција на педагог.

-Манчевски долги години работи како професор на постдипломски студии, прво на реномираниот Њујоршки универзитет, од каде произлегуваат Мартин Скорсезе, браќата Коен, Кери Фукунага, Клое Жао (студенти на Манчевски имаат освоено бројни награди, меѓу кои и два Оскари; режисерот на последниот филм за Џејмс Бонд е исто така студент на Манчевски), но и на државните филмски школи во Куба и во Москва, како и во Шангај, Берлин и други. Размислувањата и анализите на Манчевски резултираат со комплексни есеи кои се претставени на меѓународни конференции. Меѓу нив се и „Засновано на вистински настан: вистина и прикаска, уметност и верба“, првпат претставена на конференцијата „Филм и вера“ во Ватикан, 2011; есејот „Зошто сакам да пишувам и мразам да режирам: исповед на еден сценарист-режисер што се лечи“ претставена на конференцијата на професори по сценарио и режија во Потсдам 2014 и есејот „Кога некој филм ‘не е доволно македонски’“ од 2022, се наведува во најавата.

Според професорот Џепароски, книгата на Манчевски е несекојдневно и особено успешно понирање во тајновидниот свет на творештвото воопшто, како и на конкретното индивидуално искуство поврзано со создавањето на сопствените најзначајни филмски остварувања.

-Петте есеи во оваа книга не само што нè внесуваат во секогаш возбудливиот свет на авторот и на авторството, туку, едновремено, претставуваат и несомнен придонес за теоријата и историјата на филмот воопшто, како и за теоријата и историјата на македонскиот филм поодделно, и тоа од гледна точка на естетичката теорија на творештвото, како и на категоријата ‘естетско искуство’, односно ‘естетско доживување, истакнува Џепароски во предговорот.

Во рамки на мултимедијалниот настан насловен „МИЛЧО НА ПРВИ ВТОРИ: ФОКУС МАНЧЕВСКИ“  предвидена е проекција на наградуваните филмови на Манчевски „Бикини мун“ (2017, САД), „Четврток“ (2014, САД) и Крајот на времето“ (2017 кубанско-американски). Ќе бидат презентирани и визуелни моменти од книгата „Таму“, како и музика од филмовите на Манчевски, а Игор Василев-Новоградска, чест соработник на Манчевски, ќе ја заврши вечерта со музика од оригиналниот саундтрак за филмот „Бикини мун“.