Македонскиот народен театар одбележува 79 години постоење

Македонскиот народен теата, на 31 јануари, одбележува 79 години од своето постоење.  На 31 јануари 1945 година, Президиумот на АСНОМ одлучува да биде создаден МНТ.

– Во историјата на Македонскиот народен театар, денешниот датум – 31 јануари е мошне значаен ден. Во тогашната 1945 година, со Решението на Президиумот на АСНОМ (бр. 581/45), се заокружи правниот карактер на постоењето на театарот, создаден во текот на војната и револуцијата. Се заокружи она што го започнаа првите драматурзи и учители, патувачките театри и театрите на другите јазици. Потоа продолжи со желбата и силните напори на веќе афирмираните македонски театарски дејци кои активно се занимаваа со театар и во текот на Втората светска војна и веднаш по ослободувањето на Скопје, велат од МНТ.

Со ова, како што посочуваат, се заокружува остварувањето на сонот на сите групи актери и уметници во тоа време, како и на културно-уметничката група „Кочо Рацин“ (составена од идните актери, режисери и сценографи на МНТ).

– Се оствари сонот за национален македонски професионален театар предводен од тогаш поставениот директор – режисерот Димитар Ќостаров и секретарот -драматург Илија Милчин (набрзо примен и како актер), сонот на десетина веднаш примени актери, двајца сценографи и дваесетина сценски и административни работници. Тоа е и сонот на 80 000 жители на град Скопје кои со среќа ја примија оваа вест преку весниците и со озарени лица ја чекаа првата премиера на нивниот/нашиот театар, истакнуваат од МНТ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *