Миграцијата, злоупотребата на вештачката интелигенција и шверцот на дрога теми на неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ

Прашањата поврзани со миграцијата и злоупотребата на вештачката интелигенција и борбата против шверцот со наркотици ќе бидат главни теми на денешниот неформален состанок на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел. 

Заседанието, со кое ќе претседава белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден, ќе започне со стратешка дискусија за миграцијата во услови на зголемен број на баратели на азил, ниски стапки на вратени илегални мигранти и потребата од спроведување на миграциски политики согласно новиот Пакт на ЕУ за азил и миграција. 

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон ќе ги информира министрите за најновите податоци поврзани со миграциската ситуација во ЕУ и за главните миграциски рути, а белгиското претседателство ќе ги презентира своите ставови за идните дискусии поврзани со спроведувањето на Пактот на ЕУ за азил и миграција. 

Во рамките на оваа тема ќе стане збор и за раселените лица од Украина во Европската Унија, при што министрите ќе започнат дискусија за сегашните и идните дополнителни и алтернативни начини за нивна заштита. Украинците кои побегнаа во ЕУ по руската агресија на од Украина, најмалку до март 2025 година ќе имаат статус на „лица под привремена заштита“, кој им овозможува легален престој и сместувањето во земјите членки на ЕУ, пристап до пазарот на трудот и право на образование, здравствена заштита и социјална помош. 

За време на работниот ручек министрите за внатрешни работи на членките на ЕУ ќе разговараат за употреба на вештачка интелигенција од страна на криминални организации, како и за нејзино користење за ширење на лажни и погрешни вести и дезинформации и на кибер криминалот во целина. 

Пред се ќе стане збор за влијанието на новите форми на компјутерски криминал врз полицијата од аспект на гаранција на автентичноста на информациите и проверката на дигиталните докази пред судовите, што бара стекнување на нови вештини и способности од страна на лицата задолжени за спроведување на законот. 

Според оценките на ЕУ, ширењето на лажни вести преку социјалните медиуми предизвикуваат сериозна загриженост за веродостојноста на информациите и може да ги доведат во заблуда органите задолжени за спроведување на законот, жртвите, судиите и обвинителите. Дополнително, дезинформациите и злонамерните содржини претставуваат закана за довербата меѓу граѓаните и полициските службеници, како и за креирање лажни наративи за уривање на угледот на полицијата и за заострување на односите во локалните заедницата. 

Од таму дискусијата ќе се фокусира на злонамерната употреба на технологиите со вештачката интелигенција, особено поврзано со предизвикување штети и закани, што наметнува итна потреба од сеопфатни стратегии за справување со ваквите појави. 

Попладневниот дел од состанокот ќе биде посветен на борбата против илегалната трговија со дрога, која е еден од најсериозните внатрешни безбедносни предизвици со кои денес се соочува Европа, но и целиот свет. Министрите за внатрешни работи ќе дебатираат за имплементацијата на постојните стратегии и акциски планови на Унијата за справување со организираниот криминал, како за активностите што треба да се преземат согласно Патоказот на ЕУ за борба против трговијата со дрога и организираниот криминал, промовиран од страна на Европската комисија лани во октомври. 

За време на дискусијата ќе стане збор за зајакнување на соработката на пристанишните управи со царинските служби и органите за спроведување на законот во форма на јавно-приватно партнерство, за важноста на превенцијата во борбата против организираниот криминал, како и за зајакнување на севкупната свест за потенцијалот на административниот пристап во борбата против организираниот криминал. 

Неформалните состаноци на министрите на земјите членки на ЕУ се средби на кои се дискутира и се разменуваат мислења за одредени теми, прашања или регулативи, но не се носат никакви одлуки. Носењето одлуките се врши на формалните состаноци во форма на Совети на ниво на ресорни министри. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *