ИЗРАЗ НА ЉУБОВ НА АТАНАС И СЛАВКА БЛИЗНАКОВИ КОН ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА (2)

ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“  НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕВо јули 1968 година, по повод 65-годишнината од Илинденското востание, Атанас и Славка Близнакови повторно дојдоа во Македонија. Дојдоа да учествуваат на големите илинденски свечености. Тогаш, како гости на Матицата на иселениците од Македонија, Атанас и Славка беа членови на Иселеничката делегација. Ги посетија Битола, Прилеп, Охрид, Преспа, но Крушево им ги стопли срцата, а Мечкин камен им го зголеми духот и им ја зајакна љубовта кон Македонија.Тогаш Атанас преку телевизија Скопје упати поздрав до македонскиот народ, честитајќи му го големиот празник и резултатите во изградбата на новиот живот. Нивниот престој беше одбележан и во другите македонски средства за информирање. Во текот на престојот Атанас Близнаков зеде учество во работата на средбата, ,Десет дена Крушевска Република” во Крушево.По враќањето во Америка, кај Атанас и Славка Близнакови се роди мислата и желбата дефинитивно да се вратат во слободниот дел на Македонија. Атанас бил опседнат и од мислата да направи нешто со што ќе може, на некој начин да ѝ  помогне на татковината, на својот народ.Така се роди и иницијативата за основање на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф” за помагање на талентирани студенти на Скопскиот универзитет ,,Св. Кирил и Методиј”, која на 18 април 1977 година и официјално се инаугурираше.По враќањето во Гери од втората посета на Македонија, Атанас испрати поголем број благодарствени писма до лица, институции и гласила во Македонија. Така, во писмото до списанието ,,Македонија” Атанас Близнаков ќе напише:Драги пријатели, драги Македонци,Поминав четири месеци меѓу вас, поминав четири месеци меѓу македонскиот народ во Социјалистичка Република Македонија. Поминав низ повеќето градови на Македонија, поминав низ македонските планини, низ цветните градови и полиња. Јас немам зборови да искажам колку убави и пријатно поминав за време на мојот престој во Македонија, јас не можам да искажам колку мили и пријатни беа средбите со вас, средбите со многу други браќа и сестри во Македонија. Сите тие добри впечатоци оставија мили спомени во мојата душа и срце. И пак имам желба да дојдам и да се видам со милиот, и за мене скап, македонски народ, меѓу кој се родив и пораснав, меѓу кој ја поминав мојата младост.Примете ги моите безброј пријателски поздрави. Ги поздравувам моите стари и нови пријатели, а посебни поздрави испраќам до претседателот на Матицата Томе Буклески, до потпретседателот Димче Мире, до главниот уредник Иван Точко, како и до сите соработници на Матицата и списанието „Македонија”.
 1por2По посетата на Македонија во 1968 година Атанас Близнаков испрати писмо и до весникот ,,Нова Македонија”, објавено под наслов ,,Меѓу чесните Македонци нема место за лаги и фалсификати”, во кое, меѓу другото, се вели:„Поминаа неколку месеци откако се разделив од моите блиски, пријатели и познати; откако се разделив од македонскиот народ, неколку месеци откако ја напуштив нашата мила татковина, слободна Македонија.Роден сум во југозападниот костурски крај, но јас отидов и бев пречекан во слободна Македонија. Само слободна Македонија ги пречекува македонските иселеници што доаѓаат во Народна Република Македонија, таа ги пречекува македонските иселеници онака како што  мајката ги пречекува своите мили чеда.Македонскиот народ од Вардарска Македонија ги стави основите на македонската Народна Република, на Републиката за која се бореа македонските национални движења внатре во Македонија.За овие скапи цели и идеали се бореше и Македонско-американскиот народен сојуз во Америка, дотогаш, до кога некои од раководителите на Сојузот не отидоа во Бугарија, и сега, за своите лични интереси станаа слуги на бугарските национални аспирации и интереси.Секој прогресивен и чесен Македонец во Америка знае што се пишуваше во ,,Народна волја”, органот на Македонскиот народен сојуз во Америка, какви резолуции се донесуваа на конгресите на МАНС, а особено по 1944 година кога сите се радувавме што македонскиот народ од слободниот дел на Македонија, т.е. Вардарска Македонија, го извојува своето национално, социјално и политичко право да зборува на својот македонски мајчин јазик, да се радува и да ја развива својата национална историја и култура.Во борбата против балканските и германските фашисти, македонскиот народ и народностите од Вардарска Македонија, под окрвавеното знаме на Крушевската Македонска Република, македонски борци, во заедница со прогресивните југословенски народи, ја извојуваа својата национална, политичка и социјална слобода, со широки национални и политички права за Македонците и за сите народности во Македонија, и ги поставија основите на македонската народна Република, за која се бореа и илинденските борци, за македонската република за која се бореше Гоце Делчев, Никола Карев, Лазар Поп Трајков, Питу Гули и многу други македонски борци.   Но, ќе дојде денот кога и народот од Егејска и Пиринска Македонија ќе зе здобие со правото да се самоопредели во рамките на балканското единство, за слобода, братство и мир меѓу сите балкански народи.Затоа нема и не може да има вистинско пријателство и мир меѓу балканските народи, додека праведно не се реши македонското национално прашање, а за да се реши праведно, балканските државници треба да се откажат од асспирациите кон Македонија, да ги отфрлат сегашните  големобугарски и големогрчки фалсификувани истории за македонското национално прашање.Голема историска неправда е да се одречува народ, кој ја создаде азбуката и ги стави темелите на историјата и културата на сите словенските народи, и таа наука, историјата и културата ги зачува словенските народи од претопување и обезличување!Јас верувам дека е долг на секој Македонец, а особено на нас постарите, што долго време сме биле во македонските национални и политички движења, што знаеме зошто станува антимакедонската кампања, да напишеме нешто за македонското национално прашање и да дадеме објаснување од каде и зошто се појавуват тие пропаганди”, вели во писмото Близнаков.Слично или идентично писмо од Атанас Близнаков е објавено во списанието „Македонија” во бројот 194 од јуни 1969 година.Продолжува
 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *