ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЕСМА“ НА СЛАВЕ КАТИН
За Есма Реџепова – Теодосиевска Индија е земјата на нејзиното потекло, каде е оригиналниот дом на Ромите: Раџастан има околу 23 милиони луѓе кои го зборуваат ромскиот јазик и каде таа се чувствувала како дома. Есма и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски таму беа номинирани за Кралица и Крал на ромската музика
Инаку, Индија е земја која кај намерникот буди и возбуда и потрага по непознатото и љубопитство и предизвик да се види што поодблизу, што повеќе да се почувствува нејзиното пулсирање. За љубителите на уметноста таа е трезор на отворено на древните храмови; за етнолозите таа е земја во која се вкрстуваат повеќе религии и култури, во чуден спој, виден само во Индија; за историчарите и статистичарите таа е втора најнаселена земја во светот.
Како дом на прастарата цивилизација на индиската долина и област на историските трговски патишта и пространи империи, индискиот потконтинент бил идентификуван со своите комерцијални и културни богатства во поголемиот дел од својата долга историја.
Четири од главните религии во светот: хиндуизмот, будизмот, џаинизмот и сикизмот, потекнуваат од тука, додека зороастризмoт, јудаизмот, христијанството и исламот, пристигнале на тие простори во првиот милениум пред нашата ера и го оформиле регионот на разновидни култури.
Индија има бурна историја, почнувајќи од пред нашата ера до денешни дни. Богатството на Индија како што е зачинот, златото, слоновата коска и скапоцените камења, привлекувало голем број освојувачи уште од древни времиња. Еден од нив бил персискиот цар Дариј I, кој успеал да ја покори Индија и да формира држава која ја нарекол Пенџаб.
Се чини дека Индија го одушевила и го магепсала и големиот војсководец и освојувач Александар Македонски. Така, според голем број извори, и тој откако го покорил Персиското Царство на Дариј, во летото 327 година пред Христа тргнал по неговиот пат за Индија, поробувајќи голем дел од сегашна Индија и дошол до светата река Ганг. Есма Реџепова и Стево Теодосиевски, пак, со џип го изодиле патот на Александар Македонски и стасале до Индија.
Меѓутоа, Индија е земјата и на скопјанката Мајка Тереза. За жал, за хуманистката Мајка Тереза како млада скопјанка и за нејзиниот живот во Скопје во времето пред почетокот на Првата светска војна многу малку е напишано, а податоците се често непрецизни и нецелосни. Повеќегодишните истражувања за животот на Мајка Тереза, односно Гонџа Бојаџиу, првин во Скопје, а потоа во Калкута, даваат една посеопфатна слика за детството и младоста поминати во Скопје и за нејзината необична и несебична животна определба втемелена во Индија и проширена во светот.
По смртта, како и во текот на животот на Мајка Тереза, во бројни текстови за нејзиното хумано дело се појавија огромни намерни или ненамерни пропусти или погрешни факти. Меѓутоа, вистината е дека таа е родена во Скопје, дека била Латинка со католичка вероисповед, кај кои нема поделба на националност, туку само вероисповед.
Мајчин јазик ѝ бил хрватско-српскиот и не зборувала друг јазик сè додека не отишла преку Загреб во Ирска каде учела англиски јазик и од каде заминала за Калкута, тогашниот најголем град на Британската Империја по Лондон. Мајка Тереза пристигнала во Калкута на 6 јануари 1929 година и таму останала до крајот на својот живот.
Есма и Стево со Индира Ганди
На 24 мај 1931 година, Гонџа Бојаџиу ја донела својата судбоносна одлука – го променила своето име и го земала монашкото име во чест на Света Тереза од Авила, шпанска калуѓерка од XVI век и станува Мајка Тереза. Таа се соочила со страдањата на луѓето низ улиците на Калкута, каде несебично работела на нејзиното мисионерство подолг временски период. Затоа, во 1948 година, папата Пие XII ѝ дал дозвола да живее како независна калуѓерка, а истовремено таа станала жител на Индија.
Во тој период го основала редот „Мисионерство на милосрдието“, чии карактеристики се: едноставно, бели сари со сини ленти и со по еден крст закачен на левото рамо. Така од срце со неверојатна волја и енергија започнува нејзиното несебично и пожртвувано ангажирање да се помогне на сиромасите, болните, сираците, старците и инвалидите. Целиот свој живот им го подарила токму на нив. На таков начин Мајка Тереза станала позната и призната граѓанка не само во Индија, туку и во светот.
Еден од нејзините редови, кој бил формиран во 1950 година, „Сестри на милосрдието на Мајка Тереза“, постои и во Република Македонија. Членовите на овој ред морале да се обврзат на живот без брак, на сиромаштија и послушност. Подоцна овој ред бил признат од страна на папата и бил под негова контрола.
Мајка Тереза со редот посебно се грижеле за лица кои биле на смртна постела, сирачиња и болни. Сепак, посебна грижа и време посветувале на болните од лепроза. Денес редот на Мајка Тереза брои преку 3000 сестри и преку 500 браќа во повеќе од 100 земји од светот.
Легендарната мисионерка Мајка Тереза е добитник на Нобеловата награда за мир, на наградата УНЕСКО за придонес во образованието, на индиската награда „Џавахарлал Нехру“, на наградата „Универзална мајка“ и на многу други награди и признанија. Меѓутоа, за Мајка Тереза најголема награда и признание претставувал моментот кога некому давала помош.
Од погребот на Мајка Тереса
Таа била една од оние кои се борат да се надмине сиромаштијата и бедата што му се заканува на човештвото. Затоа, ја заслужила почитта за нејзината хумана истрајност, за да стане легендарна мисионерка.
Погребот на Мајка Тереза се изврши во Калкута, каде по богослужбата во црквата „Свети Томас“, всушност, започнала погребната церемонија. Имено, колата со ковчегот на Мајка Тереза влезе во преполнетиот затворен стадион Нетаџи, кој, иако преполн со илјадници лица и високи државни функционери, кралски и дипломатски претставници, за момент се исполни со тишина, како израз на исклучителниот респект кон животот и делото на големиот хуманист кој целиот свој живот го посветил на сиромашните, на кои им подарил добрина и љубов.
Свечената церемонија се одликуваше со одлична организација на индиските власти, кои на Мајка Тереза ѝ приредија државен погреб, со исклучителна љубов. Белите букети цвеќе, аранжирани ненаметливо, едноставно, а, сепак, доминантно, каков што беше и животот на легендарната мисионерка. Меѓу многуте светски делегации се наоѓаа: премиерот и претседателот на Индија, првата дама на САД, Хилари Клинтон, кралицата Нор од Јордан, првата дама на Франција, леди Бернадет Ширак, сопругата на премиерот на Канада, Алин Кретјен, Соња Ганди, војвотката од Кент, претседателот на Албанија, претседателот на Гана, повеќе министерски делегации, поранешната кралица на Белгија и други.
На погребот присуствуваше и делегација на град Скопје и Република Македонија, која ја предводеше министерот Владо Наумовски, а во делегацијата беа тогашниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, авторот на овие редови Славе Катин како потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници и новинарката на „Нова Македонија“ Јасмина Миронска.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН