ПОСВОЕНИТЕ ДЕЦА НА ЕСМА: СИМЕОН АТАНАСОВ И ЕЛЕОНОРА МУСТАФОВСКА (22)

Есма со внучињата Стево и Есма

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЕСМА“ НА СЛАВЕ КАТ 

Симеон Атанасов е роден на 27.9.1976 година во Кочани. На својата седумгодишна возраст, дошол да живее со Есма и Стево Теодосиевски, во Белград, и во исто време почнал да свири на тарабука и станал ученик во естрадното училиште на Стево Теодосиевски и член на „Есма – ансамбл Теодосиевски“. Подоцна почнал да свири на хармоника

Во својата богата кариера како инструменталист и лидер на „Есма – ансамбл Теодосиевски“, подоцна „Есма бенд“ има настапувано на околу 2.000 концерти, на сите светски континенти. Како дел од „Есма – ансамбл Теодосиевски“ учесник е на престижното шоу „Магнетен“, во режија на Андре Хелер.

Учествувал и на големата турнеја низ САД, насловена како „Gypsy Caravan“, за која подоцна во продукција на англиската продуцентска куќа „Little Dust“, а во режија на Jasmine Dellal е снимен документарен филм, кој е прикажуван на многу светски фестивали. Неколку години е учесник во „Мендоцино кампот за музика“ во САД,  како професор по хармоника, а во 1998 е прогласен и за најдобар.

Уште на тинејџерска возраст започнал да се занимава со пишување на музика и текстови на ромски јазик. Но неговото творештво има своја хронологија:

-Во 1993 година, неговата дебитантска песна „Чаје, Чаје“, освојува Гранд при награда на Првиот интернационален фестивал на ромска музика „Шутка фест“;

– Во 1994 година, песната „Девла“, на истиот фестивал освојува второ место од жирито;

– Во 1997 година, со песната насловена „Тетово“, освојува втора награда од публиката, на „Тетовските филиграни“;

– Во 1997 година, по смртта на неговиот професор Стево Теодосиевски, станува лидер на „Есма Ансамбл Теодосиевски“;

– Во 1998 година, во Мендоцино САД, ја добива наградата најдобар професор по хармоника;

– Во 2003 година, од Музичка сцена Кочани, ја добива наградата Композитор на годината;

– Во 2006 година, со култната песна на Есма Реџепова, „Чекај животе“, на „Роса фест“, ја освојува наградата за најдобра песна;

– Во 2008 година, неговата песна „Исти сан“, која ја исполнуваат Есма и Кеба е прогласена за најдобар дует на Гранд продукција;

– Во 2009 година, го основа „Есма бенд“ и на своето деби на фестивалот во Прилеп „Прилеп фолк-фест“, со песната „Родена за песна“, ја освојуваат првата награда од публиката.

Неговиот творечки опус се состои од околу 200 композиции, од кои 150 се отпеани од Есма Реџепова, 30 од други пејачи и 20-тина се инструментални дела. Автор е на над 500 аранжмани, а неговиот потпис, како продуцент стои на неколку ЦД изданија на Есма Реџепова.

Неговите песни и инструментални творби се издавани од најугледните светски издавачки куќи, како што се „World Connection“ од Холандија, „Network Medie“ од Германија, „Accord Croisses“ од Франција и многу други.

Симеон Атанасов стапил во брак со Безо Реџеп на 26 август 1998 година. Според зборовите на Симеон „Таа е голема домаќинка, искрена,топла и верна сопруга која се грижи за своето семејство и за домот на Атанасови. Таа особено се грижи за мајка Есма и нејзиниот дом. Безо е подготвена секогаш да излезе во пресрет на секој човек на кој му е потребна помош. Му благодарам на Бога што ми ја подари“.

1nij5Безо и Симеон Атанасов во бракот имаат две дечиња: синот Стево и ќерката Есма. Тие им ги дале имињата со цел да ја продолжат лозата на Есма и Стево Теодосиевски, за нивните имиња да траат и да се споменуваат.

Стево Атанасов е роден на 30.5.1999 година во Скопје, две години по смртта на дедо му Стево. Тој завршил основно образование во ОУ „Војдан Чернодрински“ во Скопје. Исто така, го завршил и нижото музичко училиште во Скопје, кај професорката Зуица Лазова. Беше редовен ученик во Средната академија за бизнис и администрација во Скопје. Тој свири на хармоника, со што татко му Атанас има вистинска замена, но свири и на други инструменти.

Според зборовите на Безо и Атанас, Стево е дете кое го сака многу спортот особено фудбалот; навива за фудбалскиот клуб „Реал Мадрид“, а омилен фудбалер му е Кристиано Роналдо. Тој е добар и верен е со сите свои другарчиња  и  е многу послушно дете.

Ќерката Есма Атанасова, која, пак, достоинствено го носи името на баба í Есма е родена  на 17.5.2002 година, во Скопје. Таа е ученичка во ОУ „Војдан Чернодрински“. Според зборовите на нејзините родители таа е вредно и многу талентирано дете, секогаш е подготвена да им помогне на своите другарчиња во училиштето и на улица. Нејзино хоби се музиката и танцувањето. Како дете желба и е да се запише на Правниот факултет, со амбиција да биде добар и честит правник. 

Покрај 47. усвоени машки деца на Есма и Стево Теодосиевски е и единствената ќерка Елеонора Мустафовска. Таа е родена на 7.5.1991 година во Кратово, каде и се стекнала со средно образование во Гимназијата „Митко Пенџуклиски“.

Една година по завршувањето на средното образование се запознала со Есма Реџепова-Теодосиевска, која ја посвои за свое дете и стана 48. дете во големото семејство на Кралицата на песната. Веднаш потоа Есма ја запишала на Музичката академија во Скопје на одделот за соло пеење кај професорот Александар Стефановски. Таа се грижела за студирањето на Елеонора, и се однесувала како вистинска мајка. Како студентка Елеонора имала можност да патува и да пее со Есма и со „Есма бенд“, под раководство на нејзиниот брат Симеон Атанасов.

Заедно со Есма настапила на многу концерти. Но, се чини дека голем успех постигнала во 2009 година, кога настапила на „Прилеп фолк-фест“, каде ја освоила првата награда од публиката. Исто така, и на „Валандово фест“ како млада интерпретаторка на македонски песни освоила награда. Патувала во многу земји во Европа и имала значајни настапи во поголем број метрополи. Така, зела учество на фестивалите „Woman kaseres“,„Manacine, Stziget, Forde festila“ и други.

Според зборовите на Елеонора, во текот на четирите години кога студирала во Скопје, живеела заедно со Есма во нејзиниот дом. Во тој период, а и потоа Есма ја имаше улогата на вистинска мајка. Секогаш беа заедно.

Елеонора го рече следното за Есма: „Најубавото нешто што ми се случило во мојот живот е што ја запознав мајка Есма, поради  што многу сум среќна. Моментално сум дел од „Есма бенд“ и патувам по европскиот континент заедно со мајка Есма. Многу вложувам во пеењето  бидејќи  човек е најсреќен кога го работи тоа што го сака“.

Треба да се истакне дека на конкурсот за наследничка на Есма се пријавиле околу 150 кандидатки, но ниту една не ги задоволила критериумите. Елеонора  испратила мејл до тимот за избор, во кој искажала интерес да биде дел од училиштето на Есма. Набргу потоа Елеонора била повикана и, откако им се допаднал нејзиниот глас, била поканета и приклучена да биде дел од Ансамблот „Есма бенд“.

Од репертоарот на Есма на Елеонора многу ѝ лежи песната „Зошто си ме мајко родила“, а инаку лично ја обожува песната „Мангава тут“.

Во врска со примањето на Елеонора во „Есма бенд“, Кралицата на песната изјави: „Елеонора е девојче кое излезе од нашето училиште. Знам дека луѓето не можеа да прифатат некој да ме замени, но јас ќе ја направам пејачка која ќе пее многу слично на мене. Неодамна настапи на „Прилеп фолк-фест“  и ја освои првата награда од публиката, што значи дека веќе ги освои срцата на лугето. Кога ќе ја видите Елеонора, како да ме гледате мене кога бев млада. 

Јас веќе работам на нејзината дикција, дишење и држење. За наши услови таа има перфектен глас. Многу е мила и знам дека во неа лежи голем квалитет. Засега Елеонора нема да прави соло-кариера, а за настапите во странство ќе биде дел од  „Есма бенд“, изјави Есма.

Инаку, „Есма бенд“ беше именуван во 2009 година, со што го зазеде местото на Ансамблот „Теодосиевски“. Новоформираниот „Есма бенд“, составен од свирачите кои ја придружуваат ромската музичка Кралица – Есма Реџепова-Теодосиевска и младата пејачка Елеонора како нивен вокал, побуди голем интерес кај европските и светските музички куќи.

Така, веднаш по преименувањето на Ансамблот „ Теодосиевски“ во новото име „Есма бенд“ во почетокот на 2010 година потпиша договор за соработка со германската концертна агенција Asphalt Tango. Тоа значеше дека во изминатите пет години, колку што беше потребно бендот да се промовира на европскиот музички пазар, односно да се промовира нивниот нов материјал, достојно  е претставен пред светот.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *