ДЕЛ ОД ПРВА ПОСЕТА НА СЕЛОТО БРЕЗНИЦА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (19)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ  ВЛАШО – АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“..

Тој исто така зборуваше дека се играл во една рекичка во близина на домот на дедо му и баба му, и тоа го најдов. Беше мало поточе и до сега можеби и се исушило. Но, кога јас помислував на него мислев дека е голем колку една река.

Селското училиште сè уште стоеше, сè уште добро изгледаше. Мајка ми одеше таму неколку години, а и брат ми исто така. Во тоа време, не беше поправано, но подоцна го реновираа и го користеа за воени цели. Во селото, тоа беше највпечатлива градба. Црквата беше следна во редот на најзачувани градби

Црквата гледа према плоштадот, каде има фонтана на тргот. Порано, во минатото, фонтаната го снабдувала селото со вода, но таа веќе не работеше. Куќата на тетка ми Софија беше токму таму. Таа и беше како сестра близначка на мајка ми и ми стане многу драга кога повторно се вратив и подобро ја запознав. Откако почина, и откако почина и чичко Васил, мојот ентузијазам за одење таму значително опадна. Ги сакам моите братучеди, но не е исто.

За време на една од војните, куќата била бомбардирана. Успеаја да ја реконструираат куќата во еднокатна куќа која се уште стои таму – и каде два пати спиев. Да, Брезница беше боиште за време на Втората светска војна и била окупирана од Италијанците и Германците во различни периоди.

Моите двајца братучеди, кои веројатно се на возраст како и мојот постар син, беа таму. Убаво си поминавме. Се шегувавме и задевавме меѓусебно. Се јавивме на мајка ми бидејќи тетин ми беше градоначалник и единствениот телефон во селото беше во малата зграда пред неговата куќа.

Тој ја задеваше мајка ми на моја сметка, „Ни го изеде целото месо!“ Се пошегував дека би можеле да заколеме овца или некое прасе ако имаат. Јадев со задоволство се што ми послужија, и мислам дека само за мене имаа ставено дополнително зачини. Но, не успеавме да испечеме прасе!

Веднаш ми падна во очи дека го зборуваат истиот дијалект на македонскиот јазик како и јас. Кога зборуваа меѓу себе, зборуваа на грчки јазик, но со мене зборуваа на македонски јазик. Беше сосема очигледно дека секојдневно зборуваа на грчки јазик.

Останав таму два дена и си се одомаќив. Требаше да останам уште еден или два дена, но тогаш на телевизија видов дека американската амбасада во Иран е нападната. Не можев многу да разберам бидејќи вестите беа на грчки. Но, по кусо време ми стана навистина непријатно. 

Бев тука, каде имаше еден автобус дневно – можеби – кој поминуваше низ селото. Комуникација не постоеше. А и не знаев во која насока да одам. Ако тргнам по погрешен пат можев да се најдам во Албанија, каде границата беше затворена во тоа време. Смислив некоја приказна и реков дека треба да отидам порано во Атина и дека треба да си заминам. Земав такси до Лерин.

Не донесов подароци, па извадив нешто од мојот куфер. На еден од братучедите му го дадов џемперот кој го носев, а на другиот братучед друг спомен – што ми беше многу вреден. Навистина не очекував повторно да ги видам овие прекрасни луѓе.

Од Лерин, се качив на автобус до Солун. Таму ме пречека друг братучед бидејќи морав да останам да преноќам за да го фатам летот до Атина. Бев пресреќен кога дознав дека ќе престојувам во хотелот „Маседониан Палас“.

Морав да го завршам патувањето како деловно патување без оглед на тоа колку сакав побрзо да се вратам на американско тло. Дистрибуторот ме пречека на аеродромот и рече дека ќе ме земе за вечера. Во 11.00 навечер! Мојата прва вечера во Атина беше скоро пред полноќ.

Секако дека не бев единствениот кој беше загрижен за тоа што е надвор од својата земја кога беснее револуцијата на фундаменталистите во Иран. Кога заминав од Атина за САД, како што авионот почна да полетува, се слушна силен аплауз.

Во авионот патуваа голем број на вработени од телефонската компанија Бел, кои избегале од Иран. Но, се додека тркалата на авионот не се подигнаа од земја, тие го држеа здивот дали ќе успеат да се вратат во САД.

Си помислив, никогаш не се враќам во Брезница. Но, морав да ја видам и имав и фотографии.

Откако отидов во татковината на моето семејство, и откако ја видов огромната разлика, ми создаде нова перспектива за тоа колку му било трауматична промената на мојот постар брат Стив.

Стив имаше само 7 години во времето кога го преселиле од село – каде беа сите баби, дедовци, чичковци, тетки и вратучеди во близина и живот кој се одвиваше во склоп на поширокото семејство – во Кентон, Охајо, каде немаше ниту еден роднина.

Тој почна да оди на училиште без да знае да зборува англиски јазик. Сигурен сум дека го задевале и го малтретирале другите деца.

И како најстар син, тој работеше за семејството. Само три години подоцна, кога имаше 10 години, тој собираше земјоделски култури во блиските полиња, а после тоа, работеше во маркетот во центарот. Тој носеше прибори за голф од 12 до 18 годинша возраст и потоа отиде да работи во „Репаблик Стил“.

Секој денар од неговата плата одеше кај мајка ми за трошоците дома. Кога ќе му требаа пари, тој мораше да бара од мајка ми.

Дури и обидот на Стив да стане играч на рагби во средно училиште – користејќи ги вештините кои ги стекна играјќи фудбал во селото – беше спречен, откако еден доктор го предупреди дека имал „проблем“ со срцето и не може да продолжи да игра. Колеџ не му одговараше, исто така, тој го напушти после еден семестар.

Не се сеќавам дека Стив некогаш во животот зборуваше за неговото детство во Македонија. Тој го имаше блокирано сеќавањето. Сепак, откако јас неколку пати ја посетив Брезница, тој почна да раскажува за некои спомени кои ги имаше од селото. Но, многу малку.

Оние кои ги сподели со мене, многу ми значеа.

Враќањето дома на мајка ми

Мајка ми, пак, ја виде повторно Брезница. На татко ми му беше страв да лета со авион и немаше некоја желба да се врати во селото. Но, откако тој почина, мајка ми се врати, по 40 години, на возраст од 72 години, за свадбата на братучедка ми Катерина, во 1983 година. Нејзиниот брат Алекс, кој живееше во Канада, ја покани да оди на свадбата со него и неговото семејство.

И јас ја поддржав поради мојата претходна посета. Сакам да си мислам дека се почувствува сигурна да отиде бидејќи и син и бил таму.

Така мајка ми отиде – и одлично си помина. И се јавив додека беше таму, и нема ни потреба да се коментира – беше среќна како мало дете. Кога си замина од селото не очекуваше дека некогаш повторно ќе се врати. Нејзините брат и сестра со своите фамилии беа таму да ја пречекаат.

Нејзината посета беше токму на време. Мајка ми почина следната година, на возраст од 73 години.

Продолжува 

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

37 thoughts on “ДЕЛ ОД ПРВА ПОСЕТА НА СЕЛОТО БРЕЗНИЦА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (19)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *