Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека не очекува одлуката за протерувањето на дипломат од Руската амбасада во Скопје да ги наруши односите со Русија.
– Официјалните ставови на високите претставници од Руската Федерација се дека законите мора да се почитуваат и службите кои што работат насекаде, тоа се пред се овластени, односно акредитирани дипломатски претставници, кои насекаде во светот, мора да ги почитуваат Виенските конвенции и законите на матичните земји, рече Заев.
Тој ја потврди информацијата на шефот на дипломатијата Никола Димиторв дека протерувањето на рускиот дипломат е поради, како што рече, постоење сериозни сомнежи, односно докази поткрепени со документација и согласно дипломатските процедури и оти во случајов е постапено согласно Виенската конвенција и домашните закони.
Владата, рече тој, пред да ја донесе одлуката го контактирала претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој наведе, има свој став.
Претсдеталот Иванов, пак, со став дека одлуката за протерување на рускиот дипломат е избрзана, бидејќи, според него, Македонија како кандидат за членство во ЕУ, ја следи политиката на Унијата и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ, но во случајов, наведува, се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки.
– Претседателот на Република Македонија повикува на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика, за да се спречи можното нанесување штета во остварување на стратешките цели на Република Македонија, се наведува во ставот од претседателскиот Кабинет.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера изјави дека одлуката за протерување на рускиот дипломат била донесена по внимателно размислување и анализа и се заснова на нападот што се случи со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побарале нашите сојузници и синхронизираната акција на дел од меѓународната заедница. Таа додаде има и домашна основа и вели, се работи за лице што со своите делувања излегло вон својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи.Рече дека се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.
– Ова беше реакција што е во функција на заштита на државниот интерес, на интегритетот на институциите, и на безбедноста на државата. Сакаме да имаме пријателски односи со сите држави, кои подразбираат искреност, и разбирање за стратешките и клучните интереси на двете страни, додаде Димитров.
И тој се согласува со ставот на премиерот Заев дека одлуката не би требало да има последици врз билатералните однсои со Москва, бидејќи вели, меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.
Македонското Министерството за надворешни работи прексиноќа соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал. Одлуката на македонското МНР е донесена по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.
Руската амбасада по одлуката на македонмското МНР, на Твитер објави дека македонската страна ќе ги сноси последиците од протерувањето на рускиот дипломат.