ЛУ ВЛАШО НАЗНАЧЕН ЗА КООРДИНАТОТ НА СИСЕМИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ФИНАНСИСКИ МЕНАЏМЕНТ (15)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ  ВЛАШО – АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“

Во Хобарт корпорацијата веќе претрпевме една голема промена. Но, доаѓаше една уште поголема. Оваа промена значеше дека ќе го напуштам градот каде јас и Џен го одгледавме нашето семејство, каде изградивме цврсти пријателства и каде работев напорно да се искачам од општо книговодство до корпоративната извршна канцеларија како потпретседател и контролор. 

Додека тоа се случуваше, во 1972 година, бев назначен за координатор на Системи за управување со финансиски менаџмент (ФМИС) (Financial Management Information Systems – FMIS), првиот компјутеризиран систем за пријавување буџет за сите сектори. Неговата изградба беше како да правите компјутерски програм и компјутер од нула, а беше и исто така мачно.

Прво, требаше да создадеме системи за финансиски извештаи, потоа требаше да ги обучиме нашите менаџери на сите нивоа. Понекогаш, се разбира, ние бевме тие кои ја вршевме обуката, бидејќи нашиот систем не функционираше во некои сектори, и требаше да го средиме системот.

Првиот програм имаше премногу проблеми. Ги повикавме Артур Андерсен Консалтинг и на крај го превземавме нивниот пакет за финансиско известување. Но тоа сепак не беше доволно да покрие се што му беше потребно на Хобарт, требаше уште да направиме и систем кој ќе ја покрива целата компанија.

Тоа стана работа која ја работевме 24 часа дневно, можеа да ме повикаат на полноќ да дојдам и да ги проверам резултатите од компјутерските тестирања кои ги правевме.

„Тато, ФМИС трае и дење и ноќе. Што се случува?“ прашуваа моите два сина.

Поставивме темели и го пробивавме патот, но понекогаш заглавувавме во сопствените рутини. Ние развиваме, од темел, Информативен систем за менаџмент кој би не водел во детален, реалистичен план за долгорочно напредување. Тој би ги посочил проблемите, насоките кон нивно решавање и трошоците на тие решенија. За да ни се овозможат тие информации на ефикасен начин, требаше да се создадат и да се работат специфични извештаи.

Задачата беше тешка, но со мене работеа одлични луѓе. Кен Кеслер беше клучниот човек кој овозможи тоа да се оствари. Се потпирав на Кен. Тој добро се сеќава на тоа:

„Работевме во опкружување каде требаше да има системи за плати, за побарувања, за буџетско финансирање и за други работи, а ниту еден од нив не комуницираше со другите. Никому не му падна напамет да ги состави сите во едно.“

„Пред да го развиеме новиот систем, ни беа потребни шест до осум недели за да формулираме што се случило во последното тромесечје. Додека да ја добиеме целосната слика, второто тромесечје веќе беше пред завршување.“

„Лу мораше да работи со овие релативно млади работни групи. За мене беше возбудливо што бев едно младо теле, а ние извршувавме работа која обично би требало да ја работат луѓе кои имаат најмалку 10 години искуство во тоа. Но, Лу беше навистина авторитативен. Секогаш беше крајно професионален господин, џентлмен, додека во исто време беше посветен на тоа да создаде процес од највисок квалитет.“

„Нашата временска рамка беше четири години за да создадеме систем кој може да повлекува од постојните системи, со мали модификации и брзо да ги претстави податоците. Може да служи како доказ за неговата посветеност за тоа сè да биде совршено самиот факт што, кога се пензионирав од Хобарт пред неколку години, тие се уште го користеа нашиот систем.“

„Вообичаениот рок на траење на нешто такво е од три до пет години.“

Во текот на тој период, моите функции исто така се менуваа. Бев назначен за помошник контролор во 1973 година, а потоа и за директор на системите за управување со информации во 1974 година, кои ги вклучуваа сите системи на компанијата како и оние за финансиско управување. До 1977 година, уште еднаш ми ја доделија функцијата помошник контролор.

Излегување од гнездото

Во исто време, нашите синови брзо растеа.  Винс беше одличен ученик и добро му одеа сите предмети. Во текот на првите две години од средното училиште, тој беше навистина ситен за својата возраст, но во третата година, кога стана јуниор, тој порасна и стана одличен бејзбол играч во фудбалскиот тим на средното училиште Трој, а беше и тркач во атлетскиот тим. Беше дел од штафетниот тим кој постави училишен рекорд кој не беше соборен до пред некое време.

1kana333

                                Лу со Винци и Стив во Чикаго за Божик (1986)

Тој се запиша во Морнарската академија на САД во Анаполис, Мериленд. Владата на САД го плати неговото образование поради тоа што се обврза да служи пет години во морнарицата на САД по дипломирањето. Винс работеше како агент за разузнавање и служеше две тури на носач на авиони, „УСС Индипенденс“ (USS Independence).

Денес Винс има кариера во „Аксенчр“ (Accenture), „Форчн Глобал 500“ (Fortune Global 500) компанија, која прикажа приходи од 44.33 милијарди долари во 2020 година и има 569 000 вработени. Тој е виш управен директор во фирмата за Министерството за одбрана на САД и за разузнавачките агенции.

Стив ја имаше таа придобивка да биде помал брат и не мораше да ги трпи годините кога јас и Џен учевме како да бидеме родители. Тој беше прекрасно дете и добро му одеше школувањето. Кога се запиша во средно училиште, беше со крупна физичка градба и веднаш почна да игра како одбранбен играч во фудбалскиот тим на средното училиште во Трој.

Тој дипломираше англиски јазик на Државниот универзитет на Охајо. Но, неговата моќ брзо да учи и лесно да помни детални информации, му овозможи да работи како претставник на продажба. 2021 година, Стив се вработи во „Фуџи Електрик Корп.“ (Fuji Electric Corp) на Америка, дел од „Фуџи Електрик Ко. ЛТД.“ (Fuji Electric Co. Ltd), мултимилионска компанија. Тој се пресели во Тексас, каде сега работи како менаџер на продажба во Американскиот сектор за полупроводници на Фуџи.

Можам да го слушнам и коментарот на мајка ми, да беше се уште жива, додека гледа како семејството и се преселува се подалеку: „Каде ли го најде тој проклет Тексас?“

Таа Стив го викаше “Ташо“, неговот име на македонски јазик. Во нејзина чест и за своето македонско потекло, тој го задржа името Таш.

Во мојата кариера имаше и други промени. Професионалната организација на која што и се приклучив, Национална асоцијација на сметководители, после извесно време почна да го достигнува нивото на работата што јас ја работев, и во 1991 година го смени името во Институт за сметководство на менаџмент.

Јас се приклучив во 1959 година – повторно благодарение на Џон Лаферти кој ја убеди компанијата да плати за да се приклучат сметководителите во одделот во Дејтона, каде имаше 600 до 800 членови. Хобарт дури ги плати и нашите трошоци за вечера и превозот за петте средби кои ги имавме секоја година. Во 1967 година, побараа од мене да станам член на управниот одбор на одделот и да бидам одговорен за односите со јавноста на одделот. Во 1968 година, бев избран за заменик претседател.

Продолжува 

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *