СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ – ВТОРАТА ТАТКОВИНА НА ЃОРЃИЈА ЏОРЏ АТАНАСОСКИ (16)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Со текот на времето Њујорк се развил во еден од најголемите градови на светот, со најдолгиот ѕидан брег и со 1630 кејови, во чие пристаниште истовремено можат да се закотваат 400 бродови. На одредени места се закотвуваат патничките, а на други, одделно, товарните бродови, класирани според товарот што го превезуваат и дестинацијата за која патуваат.

Денес Њујорк е најголем центар на американската и меѓународната трговија, во кого се развиени и сите видови на светската индустрија. Така, 20 отсто од сите американски индустриски претпријатија се концентрирани во Њујорк, во неговите банки се наоѓа најголемиот светски финансиски капитал. Затоа се вели дека Њујорк е најголем банкарски центар, а, „Вол Стрит“ е најголемата светска берза.

При една од моите посети на Њујорк, се шетав со автомобилот на моите пријатели кои постојано ми раскажуваа некои нови податоци за овој град. Велеа дека според официјалните податоци, бидејќи најголемиот број од американските доселеници дошле преку Њујорк, тоа значи дека секој ден се доселувале по околу 3000 луѓе, одсите раси, меридијани и народи. Меѓу нив најмногуима Ирци, Италијанци, Евреи, Германци, Руси, Полјаци и припадници на други народи.

Денес во Њујорк живеат околу 200 националности, а и весниците се печатат на 200 јазици. Бројот на припадниците на некои народи е многу голем. Така, во Њујорк живеат повеќе Ирци отколку во главниот град на Ирска – Даблин. Италијанци има повеќе отколку во Рим, а со над 500 000 Афроамериканци е еден од најголемите градови со тоа население.

Њујорк е граден во европски стил, со збиени улици и квартови. Должината на улиците во Њујорк изнесува околу 9 000 км, колку што изнесува растојанието од Охрид до Рио де Жанеиро. Улиците, главно, се прави и наместо имиња се означени со броеви, и во одделни делови на Њујорк се движат над 5,5 милиони патнички возила 1,5 милион автобуси и над еден милион жолти такси-автомобили.

Освен тоа, во Њујорк од разни правци и градови дневно влегуваат околу 600 000 автомобили. За да се сфати колку е жив сообраќајот, треба да се додаде и тоа дека и подземните железници дневно превезуваат 10 милиони патници. Бројки што навистина пленуваат и збунуваат.

Во Њујорк и околинатагодишно се градат околу 27 000 згради. Во стариот, централен дел на градот нема слободен простор за нови згради, освен градби во височина. Се градат облакодери на кои основата им е челична конструкција, а останатото се исполнува со бетон и лесни метали, најчесто алуминиум. До неодамна највисок меѓу облакодерите беше „Емпаер стејт билдинг“, висок 381 метар, а има 102 ката, но неколку нови згради веќе ја преминале таа височина.

Во Њујорксе издвојуваат пристанишниот, трговскиот, финансискиот, индустрискиот и другите деловина градот, а посебно Менхетн со „Вол Стрит“ и „Харлем“. Менхетн е најпознатиот и најстариот дел на Њујорк. Таму се наоѓаат најголемите облакодери на светот – вистински вавилонски кули на совремието. Во делот на „Вол стрит“ се и банките со натрупан огромен капитал, затоа тој е финансискиот центар на Њујорк, САД и целиот свет. Северниот дел на Менхетн е Харлем, сиромашен кварт. Менхетн е стеснет на мала површина, а има најразвиен сообраќај од каде било во светот.

Животот во Њујорк е на улиците, но и подземја, каде се наоѓаат околу еден милион дуќани, локали и друго. Под површината на њујоршките улици и згради се наоѓа густа мрежа на подземни патишта и пруги на подземни железници, водоводни цевки, канали, електрични и телефонски инсталации и други уреди. Затоа често се вели дека по улиците на Њујорк никаде не може ни кол да се забие в земја, а камоли на некоја длабочина, а да не се оштети нешто под нив.

Ете, тоа се дел од особеностите на овој голем град, кој има жители колку Белгија и Австрија заедно. Тоа е градот на прочуената Статуа на слободата, на 11 универзитети, театри, музеи, галерии, значајни издавачки куќи, економски, трговски, научни и други институции; тој е седиштето на Обединетите нации, градот на филмот, музиката, љубовта… Поради сето тоа Њујорк стана многу привлечен мегалополис.

Најпосетена е зградата на ООН, низ која дневно поминуваат над 3 000 луѓе, потоа Емпаер стејт билдинг, Статуата на слободата и други. Низ Њујорк годишно поминуваат милиони туристи.

Њујорк, првиот пристаништен град на Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е полн со движење и работа, со богатства, сиромаштво и раскош, со најголеми контрасти. Њујорк е вистинска арена на отворено.

Порт Лодердеил

Познати е дека богатите Американци не случајно ја одбрале Флорида, една од американскати убавици, каде живеат претежно во есен и зима. Одличната инфраструктура, поврзаноста со главните и споредни сообраќајници патувањето низ Флорида го прават пријатно и интересно. Флорида е сојузна држава на САД, на полуостровот Флорида, помеѓу Атлантскиот Океан и Мексиканскиот Голф (Залив), чиј главен град е Телахаси, но се чини Мајами е најзначајниот град. Флорида е пространа рамница, со песочни брегови и суптропска клима, со многу благи зими и жешки лета.

Во Македонија се чувствуваа есенските денови на крајот од октомври и како да мирисаше дека снегот е пред прагот. Беше понеделник, ден Господов кога полетавме со Австриската компанија од Скопје за Виена. На аеродромот во Виена вриеше како во кошница. На пладне кога ги завршивмe царинските и другите процедури, се најдовмe во меѓународната зона. Таму видовме многу патници кои брзаа кон авионите на своите дестинации. А, ги имаше речиси од сите држави, раси, бои, млади и стари… Меѓу нив имаше десетина патници од Македонија. Со нетрпение ја чекавме најавата за полетување на авионот за Торонто, Канада.

Дојде и тој момент и влеговме во „железната птица“. Авионот повеќе личеше на големо село. Имаше неколку стотини патници и стјуардеси и екипаж на авионот. Моето седиште беше во близината на прозорецот. Седев до една Канаѓанка, која за првпат била на посета во Австрија, родната земја на своите предци. Во разговорот таа разврза муабет за нејзините средби и разделби со роднините од едно околно место на Виена. Но, исто така, се пофали дека во Скарборо, Онтарио имала пријателка Македонка од Леринско, па дури научила и неколку македонски зборови, кои ни ги повтори неколку пати.

Како да не почувствувавме кога летна денот, поради истата насока од движењето на Земјата. По осум часа удобно патување, авионот ги надлета Европа и Атлантскиот Океан и се најдовме над канадското копно недалеку од Торонто. Авионот меко се спушти на аеродромот во Торонто, еден од најубавите градови во Северна Америка, кој зафаќа голем простор на брегот на езерото Онтарио. Покрај непрегледните населени места се гледаше бескрајната езерска шир каде пловеа различни бродови зад себе оставајќи траги во водените синила.

Истиот ден пристигнавме во Торонто, а денот беше временски подолг за 6 часа од оној во Македонија. Во Торонто имавме време да севидиме со нашите роднини и пријатели; да им раскажуваме за Македонија, за Скопје, Охрид, Преспа… Деновите во Торонто беа броени и за миг поминаа. Нашето патување со мојата сопруга Нада требаше да го продолжиме за Флорида. А, тоа мене ми беше предизвик, бидејќи светот сум го прокрстарил на долго и на широко, но ми недостасуваше посетата на Флорида, таа американска убавица, како што често ја нарекуваат.

Патувањето за Флорида го започнавме на аеродромот „Пирсон“ во Торонто. Тој е еден од поголемите аеродроми на тие простори. И покрај тоа што е огромен, аеродромот е едноставен, практичен, со голем паркинг на катови, со безброј патокази и упатства за да може патникот лесно да се снајде кон својата дестинација. Авионот во кој удобно се сместимве и патувавме полета на пладне од Торонто. Првата дестинација беше аеродромот Шарлот, во Северна Каролина, каде останавме околу еден час, а потоа полетавме за Форт Лодердел на Флорида.

Инаку, Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски живее и твори во Ормонд Биич, град што е сместен во еден прекрасен предел северно од Дејтона Биич и Државниот парк Томока. Тоа е град во Општината Волуса Кантри, како дел од Флорида, каде живеат околу 40.000 Американци, меѓу кои и семејството Атанасоски, кое во Ормонд Биич ја трасира иднината. Таму Атанасовци, меѓу другиот имот се сопственици на далеку познатата фабриката „Мајкрофлек“.

Продолжува

Пишува; СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *