Стејт департмент: Властите во Србија да ги истражат наводите на ОБСЕ за изборите, насилството е неприфатливо

Американскиот Стејт департмент ги повика властите во Србија да соработуваат со мисијата на ОБСЕ во истрагата за наводите за изборни нерегуларности, нагласувајќи дека насилството врз новинарите, набљудувачите и изборните службеници е „неприфатливо“.

„Фокусирани сме на соработката со Србија за зајакнување на демократската власт и владеењето на правото, подобрување на регионалната соработка, продолжување на економскиот раст и забрзување на напредокот на Србија на патот кон членство во Европската унија. Иднината на Србија е на Запад“, се наведува во писмениот одговор на Стејт департментот на прашањето на Гласот на Америка за новите протести во Белград кои во неделата станаа насилни.

Легитимноста на демократските процеси, додаваат, зависи од транспарентноста и подготвеноста на сите учесници да ја прифатат изборната волја.

„Со загриженост ги забележуваме наодите на ОДИХР дека изборите беа нарушени со бројни процедурални пропусти, притисоци врз јавните функционери и злоупотреба на јавните ресурси и дека овие фактори, заедно со системските предности на владејачката партија, создадоа нефер услови, се наведува во одговорот и се додава дека САД ја повикуваат Србија „тесно да соработува со ОБСЕ за да ги реши овие грижи“.

Во соопштението се додава дека партиите треба да пријават инциденти на изборни нерегуларности преку соодветни законски канали.

По парламентарните и локалните избори на 17 декември, најголемата опозициска листа „Србија против насилството“ ги обвини власта и Српската напредна партија за кражба и ги повика приврзаниците на протести.