Мицкоски: Очекувам набрзо да се избере претставник номиниран од албанската опозиција во ДИК

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција прашан за пополнување на празното место на ДИК, истакна дека очекува таа точка што побрзо да се стави на дневен ред во Парламентот и да се избере претставник кој е номиниран од албанската опозиција.

-Во неколку наврати пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се стави точката на дневен ред во минатото, но за жал мнозинството одбиваше. Се надевам дека ќе се вразуми и нема да остави дамка на процесот кој што следи, бидејќи е многу значаен овој процес и овие избори. Така што ценам дека во периодов што следи треба час поскоро да биде таа точка дел од дневниот ред, да се избере претставник во ДИК кој што е номиниран од страна на албанската опозиција. Јасно се знае која е таа условно кажана опозиција во Македонија и кои се тие опозициски партии во Парламентот итн. Тие треба да си дадат свој човек и да кажат позади кој човек од тие кои што се кандидати стојат и да го изгласаме, бидејќи има 80 пратеници во Парламентот, да го изгласаме, да се комплетира ДИК, да има 7 члена и да се носат одлуки, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, одговори и на прашањето, како гледа на вклучување на членови на косовско Самоопределување, во изборните листи. 

– Тоа е, претпоставувам, дел од тој фолклор што следи во предизборниот период. Тоа е одлука на тие што го направиле изборот. Претпоставувам,  за да бидат дел од листите треба да се македонски државјани, да исполнуваат законски норми, подвлече Мицкоски. 

Запрашан за коментар околу тоа дека албанската опозиција е децидна дека ќе коалицира со победникот со македонскиот блок и нема да има отстапки околу уставните измени, тој нагласи дека секој си има свои приоритети. 

– Наш приоритет е Македонија да се развива, да понудиме проекти што ќе ја трансформираат Македонија. Да почекаме да завршат изборите, ќе биде појасно. Нормално е како коалициони партнери во иднина, оние кои сакаат да бидат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, да седнеме и да разговараме за планот, визијата и стратегијата како ќе ја развиваме Македонија. Врз основа на тие разговори ќе има програма на идната Влада. Наш приоритет е Македонија да излезе од ова сивило во кое е овие шест години. Наш приоритет е да не ни се случуваат Онкологија, партизирано обвинителство и судство, да се напушти системот на хибриден режим, децата да имаат книги и прибор на почеток на училишна година, пензионерите да не протестираат заради незадоволство од пензиите, земјоделците навремено да ги добиваат субвенциите и да им биде платен трудот. Наш приоритет е подобрата иднина, нагласи тој. 

На прашањето, кога би можел да бира, што повеќе би сакал, коалиција на СДСМ и ДУИ, или секој посебно, тој одговори дека таа коалиција на СДСМ и ДУИ не е само нивна коалиција, „таму има и дел од онаа, опозиција на опозицијата“. 

– Лично мислам дека, колку повеќе се заедно и колку повеќе се во јавна коалиција, толку поголема ќе биде победата на ВМРО-ДПМНЕ и добро е да бидат победени сите на купче и добро е тоа купче да замине во историјата на македонската политичка сцена, рече Мицкоски. 

На новинарско прашање дали се откажуваат од ЕУ, тој одговори дека не, како и оти тоа е дел од стратешките приоритети на партијата и дел од она што претставува програма на ВМРО ДПМНЕ. 

– Но, да, се откажувам од понижувањето, омаловажувањата, криминалот, пљачката, срамот што се случуваше изминативе шест години, исто како огромно мнозинство македонски граѓани, кои гласно ќе зборуваат позади  гласачките кутии, одговори тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *