Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.
Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов на проповедта на литургијата упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед.
– Драги браќа и сестри! „И Словото стана тело и се всели меѓу нас“ тоа се зборови на свети Иван евангелист, што толку често ги изговараме во молитвата Ангел Господов. Станува збор за божественото Слово, Логосот, Синот Божји, кој е единосуштен со Отецот и кој е поврзан со Него во единството на Светиот Дух. Ова Слово, кое е од векови и според кое е создадено сè што живее и постои, се воплоти и се всели меѓу нас. Бог ја зеде човечката природа и стана еден од нас за да биде близу до нас и да не поврзе уште поблиску до себе, откако по наша вина се оддалечивме од Него. Бесмртниот Бог ја зеде човечката природа, зеде лик на слуга, за да нè направи негови синови и ќерки, кои бевме слуги на гревот и поради кои бевме предадени на смртта. Во Единиот Божји Син, кој стана човек, станавме и ние чеда Божји.
Меѓутоа, Иван вели: „Тој дојде кај Своите, но Своите не Го примија“. А на сите што Го примија, им даде моќ да станат чеда Божји; на сите што веруваа во Неговото име.“ Бог сè уште има доверба во човекот. Тој не прави никакви подготовки да се смести меѓу нас, туку сосема едноставно се раѓа како и секој друг човек и живее во сиромашни околности. Тој не бара царски палати или богати дворови, туку го избира местото на своето раѓање во штала во полињата на Витлеем, каде што пастирите ги засолнуваат своите стада за да бидат заштитени од студ и дожд, а заедно со нив и тие самите се штитат од невремето.
Така Исус доаѓа во светот. Како дете не може да зборува, па се препушта на луѓето, на Марија и Јосиф, да го научат на човечки говор. Како и секое дете и тој е упатен на другите и целосно зависен од другите. Тој се препушта на луѓето да биде хранет, негуван и воспитан. Но, сепак, да не биде целосно осамен, Бог преку ангелите им објавува на оние кои биле достојни да му пријдат, да му се поклонат и да му донесат дарови. Овие едноставни, но и мудри луѓе, без страв му приоѓаат и се восхитуваат на чудесните Божји дела. Така сакаше Господ. Затоа што никој не треба да се плаши од дете. Од децата се плашат само тие кои не знаат како да се справат со нив, кои не знаат како да им пријдат. Но, детето го прави тоа успешно. Ги испружува рацете, со насмевката го прави првиот чекор кон човекот. Детето ни се насмевнува и кога нема причина за тоа. Тоа се насмевнува дури и кога сме обземени од грижи и кога сме затворени во себе. Тоа е „божествена“ насмевка упатена кон човекот. Не е принудно, не е договорено, не е предизвикано однадвор, како што може да биде со нас возрасните во нашите средби. Детската насмевка доаѓа одвнатре. Вистина е дека некаде можеме да сретнеме и одредени луѓе кои цел живот ја чуваат таа детска насмевка во себе, како што е насмевката на света Мајка Тереза. Нејзиниот говор, нејзината насмевка беше божествена, без напор, бидејќи доаѓаше од срце полно со љубов. Таа го сакаше Исус во секоја личност што ќе ја сретнеше, особено кај оние на кои беше испратена да им ги залечи раните, да ги опреми со достоинство и да им покаже љубов.
Во песната „Тивка ноќ“ има стихови во кои се вели: „О, како се насмевнува Љубовта од твојата божествена уста.“ Секаде каде што има таква „волшебна“ насмевка, насмевка што буди доверба – во децата, во саканите, кај зрелите, мудрите и возрасните – тоа не е човечко дело, туку благодат што доаѓа од Бога. Кога некој човек така одвнатре се смее, тогаш тоа е Божјата љубов на дело, љубов што се насмевнува од Божјиот народ. Патем, луѓето генерално не знаат да се насмевнат од срце, знаат да се насмеат и потсмеваат, но не можат да успеат да направат вистинска детска насмевка.
Тоа дете, малиот Исус, е родено во Витлеем, во Давидовиот град. Но, пред вистинското раѓање, на неколку места се подготвува Божиќ. Според Божјиот план за спасение најпрво се подготвува на небото, потоа во Назарет во работилницата на Јосиф и на крајот во куќата на Јоаким и Ана, родителите на Марија.
Можеме да го замислиме Јосиф како оди по селскиот пат во Назарет од својата работилница кон куќата на Марија и во мислите размислува како ќе биде примен таму и дали, со оглед на неговиот општествен статус, ќе му дозволат да се ожени со нивната ќерка. Навистина, тој нема многу материјални добра што може да ги понуди на својата свршеница, но има вредни раце и доблесно срце и голема доверба во Бога.
И тогаш Бог интервенира во плановите преку гласникот Гаврил, кој доаѓа кај кревкото човечко суштество, но доблесна Дева Марија, да и го каже Божјиот план, да се насели под нејзиното срце. Овде, семоќниот Бог не заповеда, ја почитува човековата слобода, а со тоа дури и ризикува да биде отфрлен.
Не поминало многу време од пристигнувањето на Јосиф во куќата на Марија и средбата на Марија со Ангелот Господов, кога добила порака од Бога, Марија во своето смирение има само едно прашање: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж“ (Лука 1,34), а после ангелското упатство понизно ќе каже: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“ (Лука 1,38). После тоа веројатно со денови и ноќи била зафатена со размислувања што ќе прави, како да каже и кој ќе и поверува на нејзниот збор. Но, Бог повторно е на дело. Ги решава сите дилеми и кај Марија и кај Јосиф. На Јосиф не му преостанува ништо друго, туку да ја земе Марија кај себе и да ја преземе татковската грижа за детето што треба да се роди.
Паганскиот цар наредил да се направи попис на секој граѓанин од неговото племе. Така светото семејство се упатило на пат по галилејските планини и низ јудејската пустина. Марија под срцето носи дете, веќе во поодмината бременост. Доаѓаат во Витлеем, одат од врата до врата, но во гостилницата немало место за нив. Тие пронашле пештера која служи како штала. Таму се родило детето, измиено, избришано со слама и завиткано во пелени. Живее! Бог е во светот, тој ја носи својата љубов кон него. Во човечко семејство, сиромашно и беспомошно, но со меѓусебна доверба и потчинување на Божјата волја.
Ете, така „сакаше да се роди Бог кој сака луѓето да го сакаат, а не да се плашат од него“ (Божји слуга Јосип Штадлер). Да ги отвориме нашите срца за Божјата љубов што ја среќаваме во Исус Христос! Да го прифатиме со вера и да живееме како Божји деца. Тогаш Божиќната тајна ќе стане и во нашето срце светлина што го просветлува и осветлува овој свет.
Честити празник Рождество Христово – Христос се роди! Амин!, наведе бискупот скопски и епарх струмичко – скопски Киро Стојанов на полноќната божиќна литургија во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје
Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.