Вкупниот обем на размената меѓу Македонија и Русија е зголемен во сите сегменти, лани достигна 202 милиони долари со пораст од 5,6 отсто, а годинава се очекува да биде уште повисок , истакнал извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев на свеченоста во Москва по повод 13 години од основањето на комората и една година постоење на „Македонски дом“, компанија формирана за потикнување на македонскиот извоз во Руската Федерација.
Како што соопшти Македонско-руската стопанска комора, Бешлиев посочил дека трендот на придвижување нагоре продолжува и на почетокот од годинава.
– Вкупната размена во јануари скокна за 14,2 отсто, македонскиот извоз се покачил за 6,7, а увозот за 15,3 проценти. Меѓутоа, во размената со Руската Федерација Македонија остварува значаен трговски дефицит, кој лани изнесуваше 94,3 милиони долари, кој се должи на македонскиот увоз на нафта и гас. За негово врамнотежување мора постојано да го зголемуваме нашиот извоз, истакнал Бешлиев на свеченоста во комлексот „Фуд сити“, каде што е сместен изложбено-продажниот центар „Македонски дом“.
Димитри Бистров, регионален директор на одделот за меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската Федерација оценил дека Македонско-руската стопанска комора и нејзината активност во изминатите години придонела за раст на економската соработка меѓу двете земји и за успешен влез на низа македонски производи на рускиот пазар.
Од Македонско-руската стопанска комора оценуваат дека проектот „Македонски дом“ една година по основањето ги дава почетните резултати и на пазарот во Русија се појавија производи кои досега не се извезуваа во оваа земја. Руските потрошувачи веќе може да се снабдуваат со кондиторски производи, вода, сирење, кроасани, ајвар, бурек од „Кадино“…,
– За 18 македонски компании, членки на „Македонски дом“ се обезбедува комплетна услуга за настап на рускиот пазар – од сертификација до продажба, како и целосна царинска и правна подршка. Во првата година постигнавме голем успех, бидејќи македонските производи почнаа да ги препознаваат руските потрошувачи, оценила Ина Владимирновна Жарова, генерален директор на „Македонски дом“.
Покрај настапот на рускиот пазар, преку „Македонски дом“ се отвораат и вратите на другите земји од Евроазиската унија.
Елена Корочкина, директор на Трговскиот дом на Казахстан во „Фуд сити“ и сопственик на ланец трговски маркети, укажала дека преку „Македонски дом“ македонските производи стануваат препознатливи и во оваа земја и ги повикала бизнисмените да бидат упорни за настап на овој пазар, бидејќи има интерес кај тамошните потрошувачи.
Давид Горазде, директор на руско-грузискиот дом ги повикал македонските бизнисмени на голем бизнис- форум на кој ќе можат да се сретнат со грузиските деловни луѓе.
– Македонските производи се квалитетни и природни и можат да го најдат местото и на пазарот во Грузија. Но, ние сме заинтересирани и за соработка во туризмот, но и за инвестирање, порачал Горазде, соопшти Македонско-руската стопанска комора.