Министерот Спасовски во работна посета на Брисел 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ќе допатува во работна посета на Брисел, во чии рамки утре ќе учествува на Меѓународната конференција на глобалниот сојуз за борба против криумчарењето мигранти, организирана од Европската комисија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во рамки на Меѓународната конференција, Спасовски ќе има обраќање на панелот насловен „Одговор на криумчарењето мигранти“. 

Конференцијата ќе започне со воведно обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

Покрај панелот „Одговор на криумчарењето мигранти“, на Конференцијата ќе се одржат и панелите „Спречување на криумчарењето мигранти“ и „Алтернативи на нерегуларната миграција како клучна пречка за криумчарењето“. 

Хуманитарните организации Лекари без граници (МСФ) и СОС Медитеран спасија 110 мигранти во близина на либискиот брег

Конференцијата ќе заврши со дискусија посветена на „Одобрување на Повик за акција“ на која ќе се обратат еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. 

На Конференцијата покрај големиот број министри и претставници на министерствата за внатрешни работи на земјите вклучени во Глобалниот сојуз, ќе учествуваат и еврокомесарите за правда Дидие Рејндерс, за соседска политика и проширување Оливир Вархеји и за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен. 

Во обраќањето пред Европскиот парламент за „Состојбата на Унијата“ во септември годинава, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен нагласи дека справувањето со миграцијата бара постојана работа, при што клучна во тој процес е борбата против шверцерите на луѓе, кои со „своите лаги привлекуваат очајни луѓе и ги доведуваат во ризик на опасните патишта низ пустините или со несоодветните чамци за патување низ морето“.  

– Треба да работиме со нашите партнери за да се справиме со оваа глобална чума на трговија со луѓе. Затоа Комисијата ќе организира меѓународна конференција за борба против криумчарењето на луѓе. Време е да се стави крај на овој бесчувствителен и криминален бизнис, истакна Фон дер Лајен во обраќањето најавувајќи го одржувањето на Конференцијата.

Според Еврокомисијата, криумчарењето на мигранти е глобална криминална активност, во услови кога сиромаштијата, социјалната и политичката нестабилност, како и ограничената достапност на легални миграциски рути, туркаат илјадници луѓе кон криминални мрежи кои им ветуваат илегален влез, транзит или престој во ЕУ. 

– Овие патувања можат да бидат исклучително опасни, а шверцерите често ги изложуваат мигрантите на ризици опасни по живот и на насилство. Загубата на животи како резултат на криумчарење мигранти бара решителен и итен одговор на ниво на ЕУ и на глобално ниво, порача Европската комисија во најавата за Конференцијата. 

Според податоците на ЕУ, во текот на минатата година во Унијата влегле околу 331.000 илегални мигранти, од кои дури 90 проценти пристигнале до нејзината територија преку мрежите на шверцерите на луѓе. Европол, од друга страна, во 2022 година регистрирал околу 15.000 шверцери на мигранти.