Коѕијас, Венизелос и Теодоракис на промоција на книга ги детализираа позициите во прашањето за името

За прашањето со името, можностите за решение и договорот што најмногу би и одговарал на Атина, говореа шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос и лидерот на партијата Река Ставрос Теодоракис на презентацијата новата книга под наслов „Македонското прашање“, на историчарот, писател, поранешен советник на неколку грчки премиери и поранешен претседател на грчкото „Друштво за македонски студии“ Никос Мерѕос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, темата на книгата, во комбинација со актуелноста на проблемот со името и преговорите што се во тек, беа повод говорниците да се осврнат на грчките позиции и перспективите за договор.

Во преполниот амфитеатар во една од зградите на Министерството за надворешни работи на Грција, тројцата грчки политичари детално и опширно се осврнаа на спорот со името, а во однос на позициите и Коѕијас и Венизелос и Теодоракис, со идентичен став: сложено име со географска одредница, за севкупна употреба и промена на македонскиот Устав.

Шефот на грчката дипломатија, во неговиот речиси 40 минутен говор, направи историска ретроспектива на проблемот со името, рече дека географската област Македонија не и припаѓа само на Грција, туку на четири држави, Објасни дека името Македонија за нашата земја постои 70 години, како дел од различни политички ентитети. Никос Коѕијас, ги повтори позициите на официјална Атина за сложено име со географска одредница, без иредентистички елементи, што нема да навреди ниту една од двете страни. Секако, не испушти да спомене дека неопходна е и промена на македонскиот Устав.

Поранешниот претседател на ПАСОК, кој воедно беше и вицепремиер и министер за надворешни работи во претходната грчка Влада, Евангелос Венизелос, за прв пат рече дека името би требало да биде „по можност непреведено“, сложено за севкупна употреба, односно и во внатрешноста и во меѓународните и билатералните односи, дури и со оние земји кои веќе ја имаат признато Македонија под уставното име. Како професор по уставно право, Венизелос, детално и опширно ги анализираше правните и политички димензии на решението, односно како да се обезбедат правни и политички гаранции во евентуалниот договор меѓу двете земји. Тој смета дека еден Меѓународен договор, гарантиран од Советот за безбедност на ОН има поголема тежина, но вели дека сепак, потребни се и уставни промени во Македонија.

Лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, рече дека е потребно да се изнајде решение, да не се повторат грешките од минатото и да се изгуби шансата што постои за затворање на проблемот. Упати критики до грчката Влада, велејќи дека наместо единствена позиција, има две и пол линии. Едната на премиерот, другата на министерот за одбрана и „една различна нијанса на министерот за надворешни работи во одбрана на линијата на премиерот“. Теодоракис ги повтори позициите на неговата партија, за сложено име со јасни обврзувања за отстранување на иредентизмот, особено од учебниците.

Авторот на книгата, Никос Мерѕос, во кусото обраќање ја спомена посетата на групата македонски студенти на Солун, во март 2016 година. Околу 100 македонски студенти, заедно со седуммина  професори со цел подобро запознавање, градење доверба и пријателство, меѓу младите, но и воспоставување соработка меѓу академските заедници, беше во тридневна посета на грчкиот град, по покана на невладината „Друштво за македонски студии“, чиј прв човек, во минатото, беше токму Мерѕос.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *