Финансиската стабилност на македонската економија е силна и длабоко зајакната во изминатите години. Банките се добро капитализирани, профитабилни, нивото на нефункционални кредити е прилично ниско, така што не сме загрижени за стабилноста на финансискиот систем на оваа земја, вели за МИА Питер Санфеј, потпретседател на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Санфеј е сигурен оти инфлацијата ќе продолжи да се намалува, оценувајќи дека Народната банка одговорила претпазливо со промислен пристап со зголемување на основните каматни стапки како најдобар начин за да се намали инфлацијата.
-Имавме многу значаен пораст на нашите инвестиции во 2022 година и продолжуваме да се ангажираме во низа проекти во многу сектори од економијата заедно со совети за политики, вели потпретседателот на ЕБОР со кого разговаравме во тек на Меѓународната истражувачка конференција на Народната банка, што се одржа минатата недела во Скопје.
Во продолжение разговорот со видео материјал:
Зголемената инфлација е глобален предизвик. Властите во повеќето економии се справуваат со тоа. Кои се вашите очекувања за времетраењето и влијанието на овој предизвик?
-Ова беше многу тежок предизвик за глобалната економија во последниве година-две. Видовме дека инфлацијата навистина расте во речиси сите економии. Но, јас сум сосема убеден дека стапките на инфлација го достигнаа врвот сега, таа е во надолен тренд во глобални рамки и мислам дека тоа ја одразува концентрираната и навремената реакција од страна на централните банки, а исто така и од државите, така што уверен сум дека инфлацијата ќе продолжи да опаѓа во наредните месеци.
Како одговор на раширената инфлација, сега ја гледаме најсинхронизираната епизода на монетарно затегнување во историјата. Нашата централна банка не е исклучок. Каква е вашата проценка за монетарната политика на Народната банка на Северна Македонија како одговор на инфлацискиот предизвик?
-Мислам дека Народната банка на Република Северна Македонија соодветно одговори на инфлациските предизвици. Треба да запомниме дека Северна Македонија е мала отворена економија и затоа е ранлива на инфлациски шокови коишто ја погодија глобалната економија, но мислам дека Народната банка одговори претпазливо со нејзиниот промислен пристап со зголемување на основните каматни стапки за кои знаеме дека веројатно се најдобриот начин за да се намали инфлацијата, и сега почнуваме да го гледаме успехот од тоа, инфлацијата се врати на едноцифрено ниво и јас сум сосема сигурен дека ќе продолжи да опаѓа во наредните месеци.
Стабилноста на финансискиот сектор e од клучно значење за економскиот развој. Какво е вашето мислење за финансиската стабилност на македонската економија?
Со задоволство можам да кажам дека финансиската стабилност на оваа економија е силна и мислам дека е длабоко зајакната во изминатите години. Гледаме дека банките се добро капитализирани, профитабилни, нивото на нефункционални кредити е прилично ниско, така што не сме загрижени за стабилноста на финансискиот систем на оваа земја.
Каква поддршка може да очекуваме од ЕБОР во следниот период?
Може да очекувате ЕБОР да продолжи да биде многу силен партнер на Северна Македонија во наредните години. Активно инвестиравме во оваа земја во изминатите три децении. Имавме многу значаен пораст на нашите инвестиции во 2022 година и продолжуваме да се ангажираме во низа проекти во многу сектори од економијата заедно со совети за политики, а имаме одлична соработка со властите на Северна Македонија.
Што ќе биде клучно за идната одржливост на макроекономската стабилност на земјата?
Мислам дека клучно за зајакнување на одржливоста ќе биде унапредувањето на реформите што ќе ја приближат оваа земја до нејзината крајна цел за станување член на Европската унија.