Министерката Петровска на Безбедносен форум во Варшава

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска и утре, ќе учествува на Варшавскиот безбедносен форум 2023 година, еден од најголемите и најреномирани безбедносни форуми во светски рамки.

Како што информираат од Министерството за одбрана, Петровска утрово ќе учествува на дискусијата на високо ниво насловена „Европа во војна: Зацврстување на колективната одбрана на НАТО“, на кој ќе говорат и адмиралот Роб Бауер, претседавач со Воениот комитет на Алијансата, словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец и министерот за одбрана на Бугарија, Тодор Тагарев, модерирани од поранешниот командант на Армијата на САД за Европа, генерал-потполковник во пензија Бен Хоџис.

Според агендата, министерката Петровска утре ќе се обрати на работната сесија на насловена „Жените во меѓународната безбедност“ заедно со повеќе жени-лидерки меѓу кои и министерката за надворешни работи на Исланд, Тордис Колбрун Рејкфјорд Гилфадотир, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и британската министерка за Индопацифик Ан-Мари Тревелјан.

Во Варшава, министерката Петровска ќе разговара со повеќе министри за одбрана на земјите-сојузнички во Алијансата, вклучувајќи го и домаќинот, министерот за одбрана на Полска, Мариуш Блашчак.

На овогодинешниот Безбедносен форум учество ќе земат над 40 владини претставници (премиери, министри за одбрана, министри за надворешни работи, министри за европски работи), 40 претставници на парламенти, 14 високи армиски претставници, девет претставници на НАТО и над 70 претставници на меѓународни институции, невладини организации, тинк-тенк организации и индустрискиот сектор.

Варшавскиот безбедносен форум е една од водечките европски безбедносни конференции посветени на трансатлантската соработка и заедничкиот одговор на предизвиците, со фокус на Централна и Источна Европа. Безбедносниот форум се организира од 2014 година, а досега на него учествувале над 1500 претставници на влади, меѓународни организации, невладиниот сектор и тинк-тенк организации од над 90 земји.

One thought on “Министерката Петровска на Безбедносен форум во Варшава

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *