Власта и опозицијата без промена за уставните измени

Власта уверува дека ќе се постигне бројката од 80 пратеници за уставните измени, опозицијата, пак, опстојува на ставот против промена на Уставот.

Во очекување Собранието да се врати на работа, премиерот Димитар Ковачевски верува дека пратениците ќе го поддржат евроинтегративниот процес на државата и дека нема да фалат пратеници за изгласување на уставните измени. Тој вчера повтори дека двотретинското мнозинство е потребно за понатамошното продолжување на евроинтегративниот процес на земјава, но не и на Владата која има 65 пратеници со кои е изгласана.

-Сите членови на Парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократија. Тоа го сакаат нашите граѓани и тоа го сакаме и ние, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на новата ИПАРД 3 програма.

Верува дека скрининг процесот ќе заврши успешно и дека откако ќе бидат донесени уставните измени, ќе може да ги отвориме сите поглавја.  – Тоа ќе биде нов процес и импут за државата кога ќе почнат реформите од сите аспекти, рече Ковачевски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во колумна за евроинтеграциите, оценува дека процесот на проширувањето на ЕУ, особено во однос на Западен Балкан, со децении е предмет на силна реторика, ветувања и разочарувања. За многумина, фрустрациите произлегуваат од долгогодишниот пристап на ЕУ поедноставен во фразата „сѐ или ништо“, што значи, треба да ги исполните сите критериуми и дотогаш нема да почуствувате многу придобивки за вас. Сепак, надежта, додава тој, се појавува во форма на нова парадигма: „Интеграција пред членство“.

-Наместо бинарен процес за членство, овој ревидиран пристап им овозможува на државите – кандидати да почнат да ги искусуваат предностите на интеграцијата постепено, врз основа на исполнување на одредени критериуми, но пред да добијат статус на полноправно членство. Оваа транзиција значи дека кандидатите можат да почувствуваат првична корист од економските, социјалните и политичките системи на ЕУ и да придонесуваат во истите пред да се формализира членството, наведува министерот Османи.

Клучен предуслов на оваа парадигма, подвлекува тој, е дека не претставува алтернатива на полноправното членство. Земјите од Западен Балкан нема да прифатат ништо помалку од полноправно членство.

-Во суштина, префрлањето на фокусот од конечното членство на тековниот процес на интеграција е win-win решение. И кога ЕУ вели дека треба да се реформира, тоа не треба да се сфати како создавање нови пречки за проширувањето, туку напротив – да се создадат услови што ќе им овозможат да нè имаат како нови членки наскоро, оценува министерот за надворешни работи Османи.

Протоколот што вчера го потпишаа министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка од Бугарија Теодора Генчовска е дипломатски нокаут и капитулација, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, минатата недела одржа координација со пратеничката група, по што беше реафирмиран ставот дека нема уставни измени под бугарски диктат, а побара и да не се одолговлекува седницата за уставни измени. 

-Нема уставни измени под бугарски диктат. Остро сме против законските решенија кои предвидуваат зголемување на давачките, повисоки даночни опфати кои директно влијаат врз зголемување на сиромаштијата, бараме да не се одолговлекува процедурата и да се злоупотребува позицијата за да се одолговлекува седницата за уставни измени. Ќе се почитува волјата на граѓаните и нивниот интерес да не се потклекне на барањата за правење на компромиси на штета на државните интереси, наведе  Мицкоски по редовна координација со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. 

Првата нова седница на Собранието по одморите е закажана на 5 септември.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *