Собраниската Комисија за уставни прашања во Собранието денеска ќе ја започне седницата број 1 со единствена точка на дневниот ред – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. По усвојувањето на дневниот ред, се очекува предлогот во 30 минути да го образложи премиерот Димитар Ковачевски, по него да зборуваат пријавените членови и заменици на ова законодавно тело, а потоа право за збор ќе имаат и други пратеници.
Владата минатиот вторник до Собранието го достави предлогот за уставни измени. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
Најавите се дека на Комисијата за уставни прашања пријавени за збор ќе има од сите пратенички групи кои ќе ги образложат своите ставови, како и дека на Комисијата ќе учествуваат и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која е против уставни измени.
Претседател на Комисијата за уставни прашања е по функција претседателот на Собранието Талат Џафери, негов заменик е Арта Биљали-Зендели, членови на Комисијата се Даниела Стојановска Пановска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски, Емилија Рамбабова, Илија Николовски, Даниела Маркоска, Марија Ангелова, Антонијо Милошоски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Гордана Сиљановска Давкова, Дафина Стојаноска, Иван Стоилковиќ, Фиснике Бектеши Шаќири, Ремзи Мехмеди, Ане Лашкоска, а шеснаесет други пратеници се заменици – членови на Комисијата.
Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Според соопштението од Собранието, со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седницата за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши меѓу 7 и 9 август.
Владејачката коалиција составена од СДСМ, ДУИ, ЛДП, ДОМ, Алијанса за Албанците и други помали партии ќе ја поддржат иницијативата за уставни измени. Според преговарачката рамка, Северна Македонија до крајот на ноември, кога завршува скринигот за земјава треба да ги донесе уставните измени, по што треба да се одржи втората меѓувладина седница. Доколку тоа не се случи има предупредувања дека процесот за преговори со ЕУ би можел да запре.
Премиерот Димитар Ковачевски речиси во сите свои обраќања укажува на потребата од донесување на уставните измени за да може земјата да го продолжи евроинтеграцискиот процес. Истоврмено тој ги повикува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го сменат својот став и да ги поддржат уставните измени. По поднесувањето на амандамните во Собранието, на 19 јули, тој истакна дека околу уставните измени очекува да има плодна дискусија, конструктивна расправа и оти посакува натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција на државата.
-Сега од нас зависи, од одлуките коишто ние ги носиме, како и на кој начин и колку брзо ќе го продолжиме и завршиме патот на европската интеграција, рече Ковачевски, Овие уставни измени, како што рече тогаш Ковачевски, не задираат во ниту едно идентитетско прашање.
Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски вчера изјави дека нивниот став останува ист и оти тој е поддржан од органите на партијата и од пратеничката група.
-Нашиот став е аргументиран и до сега непроменет. Не гледам причина под ваков притисок, истиот да биде променет. Тој е поддржан и од органите на партијата, од пратеничката група и очекуваме европско однесување кај нашите стратешки партнери и со една идна влада да седнеме, дел од тие околности кои се проблематични и нас не загрижуваат, да бидат променети, рече Мицкоски.
Тој потврди дека утре ќе бидат присутни во Парламентот кога ќе биде ставена точката на дневен ред, а како што рече, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.
-Утре ќе бидеме присутни во Парламентот, и кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница кога за овие уставни измени, од работната група, предводена од Цаца Николовска доставени во Парламентот, рече Мицкоски, кој смета дека за да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првиот чекор да имаме содржина на истите.
Опозицијата исто така бара одржување брзи парламентарни избори.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во неделата од Пустец изјави дека очекува во наредниве неколку месеци, „да има интензивни разговори помеѓу власта и опозицијата во кои конечно ќе можеме да се убедиме дека ова е стратешки момент кој не смееме да го пропуштиме за иднината на државата“. Пендаровски рече дека не очекува отворање на Уставот да се случи во август.
-Ставовите на двете групации во Собранието се многу јасни и досега не се променети. Од вторник понатаму почнува процедурата во Парламентот. Не очекувам првата фаза гласање за евентуално отворање на уставните промени да се случи во август, имам очекување дека тоа ќе биде најверојатно после годишните одмори, некаде крајот на септември. Инаку, целата временска рамка која се очекува евентуално да го промениме Уставот треба формално да заврши до 30 ноември, додека трае скринингот, посочи Пендаровски.
Претседателката на работната група која работеше на уставните измени Маргарита Цаца Николовска во интервју за МИА вели дека состојбата во која во моментов се наоѓа Северна Македонија во однос на уставните измени е однос меѓу државава и Европската Унија, а не Бугарија.
-Значи, странки во овој процес се Република Северна Македонија и Европската Унија. Однесувањето на опозицијата за целокупното негирање на потребата од уставните измени само со оправдување дека станува збор за бугарски диктат или притисок имајќи предвид на укажаниот однос на нашата држава и ЕУ, е сосема неоснован, вели Цаца Николовска.
Информацијата со Предлог уставните измени беа усвоени на 171-та седница на Владата, одржана на 18 јули 2023 година.