Пендаровски: Во „Отворен Балкан“ се само три земји и тоа е голем недостаток 

Берлинскиот процес има неспорни структурни предности во однос на „Отворен Балкан“, главниот е тоа што сите шест западнобалкански држави се членки на Берлинскиот процес, а само три се досега во „Отворен Балкан“ и тоа е голем недостаток на иницијативата, изјави во Пустец претседателот на државата Стево Пендаровски. 

При денешната еднодневна работна посета на Република Албанија, одговорајќи на новинарско прашање, шефот на државата изрази надеж дека „Отворен Балкан“ ќе продолжи да постои.

-Отворениот Балкан од самиот почеток, па се до денеска, е замислен да биде една од многуте регионални иницијативи. На Западен Балкан има над 50 регионални иницијативи за сите овие години и служат за поврзување на народите и за правење услови за нивни подобар живот. „Отворен Балкан“ беше од тие иницијативи и јас се надевам дека во одреден формат тој ќе продолжи да постои, рече Пендаровски.