Почитувани,
Во врска со резултатите од двете анкети објавени во весниците „Катимерини“ и „Прото тема“ кои покажуваат дека повеќе од 70 проценти од Грците не се согласуваат терминот Македонија да биде содржан во евентуалното решение на спорот со името, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:
За каков напредок во преговорите брифира Никос Кoсијас со вакво јавно мислење во Грција? Резултатот дека 63,5 проценти од гласачите на Сириза се против компромис со терминот Македонија се поразителни за позициите и оптимизмот на Владата на Зоран Заев и Никола Димитров. Кој се уште има дилема дека официјална Атина под компромис единствено подразбира прифаќање на уцените од нивна страна? Затоа, предлогот содржан во нацрт спогодбата што Владата на Алексис Ципрас ја испрати во Македонија е најлош предлог за Македонските национални интереси во последните 20 години. Не е воопшто случајно што Грчкиот Премиер на Македонската новинарка и посакал на следната прес конференција да се претстави дека е од Горна Македонија. Не случајно предупредивме дека Грција со трикови сака да не измести да го напуштиме покровителството на ООН и медијаторството на Метју Нимиц. Грција преговара за да не се договори!
Македонија не е приватна Држава и недозволиво е за најважното прашање за иднината на Македонскиот народ да знаат само Премиерот и неколку Министри кои се на тие функции на определено време. Македонскиот народ сака да знае со какви позиции Никола Димитров ќе патува во Виена. Сакаме да знеме дали е точно дека таму на преговарачка маса ќе се отвораат идентитетските прашања?
БАРАМЕ ИТЕН ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ! ДА ГИ ЗАЧУВАМЕ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ!
Mакедонската Алијанса ја повикува Владата конечно да соопшти за што се уште преговара. Да не заборават дека единствен суверен владетел на Македонското име и идентитет е само Македонскиот народ. Ниту една Влада нема мандат да влегува во авантури за сметка на иднината на Татковината. Опстојуваме на нашето барање да се прекинат преговорите се додека не се обезбеди спроведување на пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг и Македонија веднаш да добие покана за полноправно членство во НАТО Алијансата.
Доколку не се способни да се изборат за Татковината и сопствениот народ, тогаш нека си дадат оставка има кој има и храброст и знаење како се штитат Македонските национални интереси.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски