Синдикатите и Владата денеска повторно ќе се сретнат во обид да најдат заедничко прифатливо решение за зголемувањето на платите и за методологијата за раст на платите во јавниот сектор.
Оптимизам има кај двете страни по последната средба што се одржа во Министерството за финансии. Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервјуто за МИА, што беше објавено викендот, истакна дека според климата и интензитетот на разговори блиску се до постигнување на договор.
– Мислам дека има солидна клима, меѓусебна доверба, волја за решение. Треба уште некои финеси да ги дефинираме и доколку сме со овој интензитет, прашање на денови е кога би го заокружиле прашањето со синдикатите во интерес на сите граѓани, посочи Бесими, додавајќи дека е рационален оптимист.
Не откривајќи детали бидејќи преговорите се уште се во тек, Бесими посочи дека е прифатливо коефициентот да се воведе како нов модел и дека неговото врзување со просечната бруто плата, доколку се согласат со синдикатите, би се реализирано од март 2025 година. Дотогаш би имало транзициски период во кој ќе растат платите, но со која динамика ќе биде тоа, ќе треба да се договорат заедно со синдикатите.
Со ова, според Бесими, ќе има системско решение и ќе се создаде солидна платформа во иднина економско-социјалниот дијалог да биде уште поквалитетен и потранспарентен.
– Ние сега правиме трансформација на системот како што правевме претходните две години кога воведовме системско решение за пензионерите и тие сега имаат контиуниран раст на пензиите во услови на пораст на цените. Слично е и со минималната плата каде воведовме механизам. Сега и ова прашање ќе го решиме системски со платформата и потоа сите во секоја област, гранковите синдикати ќе ги продолжат разговорите според спефициките, вели Бесими.
Во зависност од договорот што ќе се постигне, ќе се види и дали од септември ќе има потреба за ребаланс на Буџетот.
Оптимизам има и кај синдикатите. По последниот состанок во Министерството за финансии, тие изјавија дека има напредок во преговорите и доближување на ставовите.
Очекуваат двоцифрено зголемување на платите од септември и исплата на регрес за годишен одмор, а од март 2025 година да почне новата методологија за раст на платите.
– Инфлацијата е 14,2 проценти, порастот на минималната плата е 12,55 проценти и просечната плата минатата година пораснала 10,9 проценти. Ние како претставници на работниците сметаме дека тоа треба да биде стартна основа на која ќе го градиме заедничкиот однос и доверба со потпишувањето на Општиот колективен договор, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов за телевизија Сител.
This article provides some fascinating insights! I appreciate the depth and clarity of the information. It has sparked my curiosity, and I’d love to hear other perspectives on this. Feel free to check out my profile for more interesting discussions.